Почетна | Новости | 04.12.2024


3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

Денес, по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, се одржа свеченост во организација на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје. Оваа година, акцентот на одбележување на овој ден е ставен на клучната улога на лицата со попреченост како лидери, од глобално до локално ниво, водејќи се според овогодинешната тема предложена од Обединетите Нации: „Засилување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“.

На свеченоста свое обраќање имаше ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова, која истакна дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје презема конкретни чекори за имплементација на меѓународните документи кои ги штитат правата на лицата со попреченост, вклучувајќи ја и Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост. Таа потсети дека оваа Конвенција, ратификувана од нашата држава во 2011 година, поставува стандарди за обезбедување еднакви можности и недискриминација во сите аспекти на животот, особено во образованието.

Во согласност со меѓународните обврски, Универзитетот развива и спроведува политики кои гарантираат еднаков пристап до образованието за сите студенти, без оглед на нивната попреченост. Се работи на постојано подобрување на физичката и дигиталната пристапност на универзитетските објекти и ресурси, во согласност со меѓународните стандарди.

Дополнително, Универзитетот активно работи на имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година, која предвидува конкретни чекори за унапредување на инклузивноста во високото образование.

На крајот од своето обраќање, ректорката проф. д-р Биљана Ангелова нагласи дека инклузијата е основна вредност која треба постојано да се негува и промовира. Таа истакна дека примарната задача на Универзитетот е да ги подготви сите студенти – со и без попречености – за свет кој ја слави различноста ги прифаќа предизвиците и отвора можности за сите.