Home | News | 05.03.2025


Интердисциплинарниот истражувачки тим на УКИМ со значајни резултати во регенеративната медицина

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на ден 4 март 2025 година ги прими претставниците на интердисциплинарниот истражувачки тим на Универзитетот кој што се занимава со научни истражувања од областа на регенеративната медицна. Претставниците и раководителите на тимовите од Медицинскиот факултет, проф. д-р Софија Пејкова, од Природно-математичкиот факултет, проф. д-р Ицко Ѓоргоски и од Факултетот за ветеринарна медицина, проф. д-р Велимир Стојковски, ја информираа ректорката за текот на истражувањата и постигнатите резултати. Во таа насока, на општо задоволство беше констатирано дека Универзитетот располага со компетентен кадар и соодветна истражувачка опрема за изведување на истражувања кои се компатибилни со најсовремените текови во соодветната област.
Истражувачкиот тим на оваа проблематика работи веќе три години и своите резултати ги презентирал на повеќе конференции и конгреси, а во февруари оваа година дел од резултатите се публицирани во еминентниот часопис Journal of Biological Methods, индексиран во научната база PubMed.
Интердисциплинарното истражување во областа на регенеративната медицина е прво во нашата држава, а добиените резултати се меѓу првите во светот. Со тоа, уште еднаш Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во поширокиот истражувачки и научен простор надвор од границите на државата, ги покажува и докажува своите капацитети.
Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова ја поддржа работата на истражувачкиот тим, а сите активности во иднина се планира да се изведуваат во рамките на Конзорциум за научни истражувања од областа на регенеративната медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.