Home | News | 16.03.2026


Факултетот за музичка уметност при УКИМ со музички настани во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани и кон проф. Сара Пројковска

Студентите од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 16 март 2026 година настапија во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, во рамките на програмата за одбележување на годишнината од трагедијата во Кочани.

Во спомен на 63-те млади луѓе кои трагично ги загубија своите животи, студентите од Вокално-инструменталниот оддел при Факултетот за музичка уметност – Скопје ја изведоа композицијата „Искинати нишки“, дело на Никола Ѓоргиев од Кочани, студент на студиската програма по Композиција на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. м-р Дарија Андовска.

Со оваа изведба, Факултетот за музичка уметност – Скопје изрази длабоко сочувство кон семејствата на починатите и поддршка за Кочани во процесот на заздравување. Настанот претставуваше чин на тивка почит кон младите животи што прерано згаснаа, како и потсетник на значењето на заедништвото, солидарноста и хуманоста во моменти на длабока тага.

Преку музиката, студентите испратија порака на емпатија, надеж и поддршка до граѓаните на Кочани, со желба споменот за загинатите да остане трајно зачуван.

Воедно, денес, 16 март 2026 година, со почеток во 20 часот, во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе се одржи концерт во рамки на циклусот концерти „Музика Вива“, насловен „За Сара“, во чест на прерано починатата професорка Сара Пројковска, која животот трагично го загуби во трагедијата во Кочани.

На концертот ќе настапат студентите по корепетиција – практика, а настанот претставува израз на почит кон ликот и делото на проф. Сара Пројковска, оставајќи простор музиката достоинствено да говори за загубата, сеќавањето и трајната вредност на нејзиниот уметнички и педагошки придонес.