Home | News | 01.07.2026


„Везилка“: Кога ВИ зборува македонски

Пишува: Вероника Гијовска, студентка на институтот за хемија при Природноматематички факултет

 

Што ако следната генерација системи на вештачка интелигенција не само што зборува македонски, туку е и развиена во нашата држава? Во време кога ChatGPT станува дел од нашето секојдневие, а ВИ ги менува правилата на игра во науката, индустријата и образованието, УКИМ прави чекор кон тоа да не биде само корисник, туку и создавач на овие технологии.

Што е „Везилка“?

„Везилка“ е национален проект предводен од ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, чија цел е создавање екосистем за развој и примена на вештачката интелигенција во државата.

„Повеќето луѓе ја гледаат вештачката интелигенција како нешто што доаѓа однадвор, односно од големи компании и центри за податоци во други држави. „Везилка“ е обид тоа да се промени.

Станува збор за национален развоен проект каде вештачката интелигенција е средство, а развојот на државата е главната цел. Нејзината амбиција не е само да создаде нова инфраструктура туку да изгради домашен капацитет за знаење, иновации и конкурентност. „Везилка“ е поттик Македонија да изгради сопствен капацитет за развој и примена на вештачка интелигенција, наместо само да биде корисник на технологии создадени на друго место“, вели м-р Димитар Пешевски, асистент на ФИНКИ, кој е активно вклучен во развојот на проектот.

Името „Везилка“ не е избрано случајно – проектот има цел да ги поврзе  универзитетите, компаниите, институциите, стартапите и младите луѓе во државата во заеднички екосистем за развој на вештачката интелигенција.

„Она што луѓето најчесто не го препознаваат е дека не станува збор само за развој на нови технологии. Станува збор за подобро здравство, поефикасна и потранспарентна јавна администрација, попаметно земјоделство, поодржливо управување со енергијата и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во дигиталната ера. Затоа, „Везилка“ не треба да се гледа како проект со ограничен рок на траење, туку како основа врз која Македонија ќе ја гради својата дигитална и економска иднина во годините што претстојат“, додава Пешевски.

Проектот, како иницијатива во рамките на европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција, овозможува директен пристап до европското знаење и инфраструктура, и простор за меѓународна соработка.

Тимот зад „Везилка“

„Везилка“ е иницијатива која ги обединува академската заедница, институциите и приватниот сектор. Зад проектот стои широка мрежа од искусни истражувачи, професори, компании и организаци, но и студенти.

„Иако формално носител на проектот е ФИНКИ при УКИМ, зад „Везилка“ стои многу поширока заедница. Во проектот се вклучени истражувачи, професори, инженери, институции, министерства, компании и организации од стартап-екосистемот. Само на ФИНКИ веќе постои силна основа од повеќе од 60 истражувачи со докторски студии во областа на вештачката интелигенција и повеќе од 30 млади истражувачи.“

Во средина во која младите инженери постојано ги следат глобалните трендови во областа на вештачката интелигенција, од особена важност се токму ваквите проекти кои овозможуваат развој што оди во чекор со светските достигнувања. Проектот не служи само како простор студентите на ФИНКИ да ги развиваат своите вештини, туку и голема можност за развој на генерација амбициозни и искусни инженери кои ќе имаат сѐ поголемо влијание врз пазарот на трудот во годините што следуваат.

Амфитеатарски иновации

„Во „Везилка“ студентите не се набљудувачи, туку активни учесници. Преку практична работа, истражувачки проекти, хакатони, пилот-проекти со институции и компании, како и развој на нови решенија со вештачка интелигенција, студентите ќе бидат директно вклучени во градењето на екосистемот. Всушност, една од главните цели на „Везилка“ е создавање и задржување таленти во областа на вештачка интелигенција во државата.

За студентите денес, „Везилка“ значи можност да работат на технологии и проекти што до неодамна беа достапни само во најголемите европски податочни центри. Тоа подразбира пристап до напредна инфраструктура, современи модели на вештачка интелигенција, големи податочни множества и соработка со експерти од Македонија и Европа.“

Но, придобивки од проектот имаат и студентите од другите факултети при УКИМ. Како што вештачката интелигенција сè повеќе напредува, така се проширува и просторот за нејзина примена во речиси сите научни области.

„Уште поважно, „Везилка“ отвора можност младите луѓе да создаваат компании, стартапи и иновации овде, наместо да чувствуваат дека мора да заминат во странство за да работат на врвни технологии. Ако денес еден студент има добра идеја за решение засновано врз вештачка интелигенција во здравството, енергетиката или јазичните технологии, „Везилка“ треба да биде местото каде што таа идеја ќе може да се развие во реален производ.“

Може ли ВИ да зборува македонски?

Можеби еден од најважните, и најинтересни аспекти на проектот е развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки што ќе можат подобро да го користат јазикот.

„Би сакал за десет години да можеме да кажеме дека сме ја зачувале нашата културна и јазична посебност во времето на глобалната вештачка интелигенција. Ако македонскиот јазик е рамноправно присутен во дигиталниот свет и ако идните генерации можат да комуницираат со напредни системи на вештачка интелигенција на својот мајчин јазик, тогаш ќе знаеме дека „Везилка“ навистина ја исполнила својата цел.“

Збор повеќе за проектот  

Иако денес „Везилка“ претставува амбициозен проект, неговата долгорочна визија оди многу подалеку од технолошка инфраструтктура. Според Пешевски, успехот на ваквата иницијатива нема да се мери само преку бројот на развиени модели или реализирани проекти, туку преку влијанието што ќе го има врз секојдневниот живот на граѓаните и можностите што ќе ги создаде за идните генерации.

„Успех би било ако пациентите добиваат подобра здравствена грижа затоа што лекарите користат алатки со вештачка интелигенција развиени во Македонија. Ако земјоделците носат подобри одлуки благодарение на системи што ги анализираат временските услови и приносите. Ако јавната администрација е побрза, поефикасна и потранспарентна. Ако енергетскиот систем е постабилен и поодржлив благодарение на интелигентните модели.“

Дополнително, според членовите на тимот, еден од најголемите показатели за успех ќе биде ако младите луѓе останат да создаваат во државата.

 

„Би сакал Македонија да биде препознаена како земја што не само што користи вештачка интелигенција туку и создава решенија конкурентни на европско ниво. Би сакал да имаме генерација млади луѓе кои своите најдобри години ги вложиле во градење компании и истражувачки центри тука, а не во потрага по можности на друго место“,

Во свет во кој најсовремените технологии се развиваат на илјадници километри од нас, „Везилка“ поставува едно едноставно, но клучно прашање: дали малите држави можат да бидат повеќе од публика во технолошката револуција? Пред неколку години звучеше речиси невозможно Македонија да биде дел од разговорот за вештачка интелигенција. Денес веќе се поставува поинакво прашање –  како токму ние ќе ја обликуваме иднината на вештачката интелигенција.

Дали „Везилка“ ќе ја исполни својата визија ќе покаже времето. Но едно веќе е јасно: приказната за вештачката интелигенција во Македонија повеќе не се пишува само некаде на друго место.

The article is published by "Avangarda", the student newsletter of the University Communication Centre at the University "St. Cyril and Methodius" in Skopje – a virtual space where student ideas, challenges and successes find a voice, visibility and the opportunity to inspire positive change in the academic community.