Home | News | 20.05.2022


Економскиот институт во Скопје одбележува 70 годишнина од основањето

Економски институт-Скопје на 18.5.2022 година одржа пригодна свеченост за одбележување на 70 години од своето постоење. На свеченоста, покрај директорот на Економскиот институт, проф. д-р Зоран Јаневски, свое обраќање имаше ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, д-р Јетон Шаќири.
Во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј – 70 години од постоењето, Економскиот институт потпиша ЕДУ партнерски договор со Даталаб МК, фирма за поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација.  Соработката на Економскиот институт со Даталаб МК, се базира на доделување лиценци од деловниот софтвер Pantheon ERP и ќе резултира со формирање на Лабораторија за дигитална трансформација. Даталаб МК и Економскиот институт, покрај тоа што ќе соработуваат во едукативни цели, на пазарот ќе понудат и комерцијални пакет услуги за деловните субјекти во земјата, користејќи ги максимално ресурсите кои им се на располагање.
Како дел од свеченоста по повод 70 години од постоењето на Институтот, беа доделени благодарници за државни институции, факултети и институти од земјата и од странство, меѓу кои и на: Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Благодарници им беа доделени и на приватни компании, фондации и поедници со кои Економскиот институт – Скопје имал успешна и долгогодишна соработка.
Во рамки на прославата, Економски институт-Скопје им додели пофалници на студенти, кои магистрирале во периодот од 2017-2022 година, на одделните студиски програми од втор циклус на студии на Институтот, а кои оствариле забележителен успех и висок просек на оценки. На овие студенти, покрај пофалниците, Економскиот институт, во соработка со Даталаб МК, им врачи и специјални награди во форма на едногодишна лиценца на деловниот софтвер Pantheon ERP со вклучени сите модули и пристап кон дигиталните ресурси за обука.