Интердициплинарна студентска конференција
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, имаше свое инспиративно обраќање на Интердисциплинарната студентска конференција во организација на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, која се одржа во периодот 25-26.10.2025 во Охрид.
„Денес имам чест да зборувам пред вас – студентите, луѓето кои ја држат иднината во свои раце. Верувам дека студентите не се само слушатели, туку сонувачи, иноватори и двигатели на општествените промени. Вашите идеи, енергија и визија се силата што го движи светот напред. Никогаш не престанувајте да прашувате, да истражувате и да верувате во себе,“ истакна ректорката Ангелова.
Таа се осврна и на значајните чекори што ги прави Универзитетот кон модернизација и дигитализација. Од оваа академска година, студентите на УКИМ ќе можат целосно електронски да ги користат сите студентски сервиси. Дополнително, УКИМ стана дел од европската универзитетска алијанса AcrossEU, што ќе им овозможи на студентите уште поголема поврзаност и можности за академска размена.
„Вие не сте само иднината — вие сте сегашноста што создава подобро утре. Историјата нè учи дека најголемите промени често започнувале од студентите – нивната енергија, љубопитност и храброст се двигател на општеството,“ порача ректорката.




Blvd. "Goce Delchev" no. 9, 1000 Skopje, Republic of North Macedonia
ukim@ukim.edu.mk
3293-293