Почетна | Новости | 10.02.2022


Осврт кон универзитетските рангирања

По однос на рангирањето на универзитетите на светските ранг-листи, важно е да се истакне дека секоја ранг-листа има пропишани специфични правила за начинот на рангирање. Рангирањата се базираат на различни методологии, развивани и применувани од различни сервиси за изготвување ранглисти на универзитети, со дефинирани специфични индикатори и метрика за нивна следливост.
Кај најголемиот број сервиси за изготвување на светски универзитетски ранг-листи, доминантните индикатори за рангирањето се поврзани со научноистражувачката работа и извонредноста. За мерливоста на индикаторите поврзани со научноистражувачката работа, најчесто се користат податоците индексирани во рефералната база Web of Science (WoS) на Clarivate Analytics и/или во рефералната база SCOPUS на Elsevier.
Во контекст на еден од доминантните индикатори при рангирањето, научноистражувачката работа, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје изработи самоевалуација на научноистражувачките резултати на академскиот кадар, преку Aнализа на опфатот на научни публикации на УКИМ во индексациската база SCOPUS, која како реферална база ја користат дел од сервисите за рангирање на универзитетите, меѓу кои и Webometrics.
Покрај резултатите од научноистражувачката работа, различни листи евалуираат многу други индикатори кои во моментов се недостижни за УКИМ, како што е број на добитници на Нобеловата награда или добитници на Медал за научно поле во научните полиња за кои не се доделува Нобелова награда (Шангајска листа). Листата QS (QS World University Ranking) станува сѐ поактуелна во европскиот високообразовен и истражувачки простор. За рангирање на некоја институција на оваа листа, основниот критериум е најмалку 1000 научни публикации индексирани во базата SCOPUS на годишно ниво, во определен временски период. Од Анализата, видливо е дека условот 1000 публикации годишно е причина
што УКИМ го нема на QS-основната листа, туку се појавува на листата QS Emerging Europe and Central Asia.
При анализите, утврдено е дека еден од основните проблеми е неправилното користење на афилијацијата (припадноста) кон УКИМ. Сѐ уште се јавуваат публикации кои не се индексирани кон УКИМ и покрај тоа што во изминатиот период, менаџментот на УКИМ спроведе постапка за задолжителна примена на статутарното име на УКИМ (Ss. Cyril and Methodius University in Skopje) во секој тип на публикации. Се очекува дека со правилната примена на афилијацијата, статусот на УКИМ во рангирањето ќе биде значително подобрен, но за тоа е потребен подолг временски период.
Покрај другото, на универзитетските ранг-листи, при рангирањето се применуваат индикатори кои ја евалуира и репутацијата на Универзитетот по однос на вработливоста на дипломираните студенти, и тоа преку бројот на дипломци вработени во врвни компании од планетарни размери, од кои ниту една не е од нашата држава и поголем број немаат претставништва кај нас, што укажува на ограничувања и по овој тип на индикатори. Понатаму, помеѓу индикаторите за рангирање е и бројот на вработен наставен кадар од
странство, за што во нашето опкружување има законски ограничувања. Дополнително, има и многу други индикатори кои не соодветствуваат со реалноста присутна во научноистражувачкиот простор во државата, поврзана со регулативата, финансирањето, нерамномерната развиеност на истражувачкиот простор во различни истражувачки подрачја и ограничените можности за регрутирање на наставно-научен подмладок.
Потребно е да се истакне дека во делот на рангирањето на универзитетите во светот, значајно место зазема и делот на наставата, при што најчесто применуваните индикатори се поврзани со следните аспекти: студиски програми на англиски јазик, заеднички дипломи (Joint Degree) и двојни дипломи (Double Degree) со реномирани универзитети во Европа и во светот, странски студенти, странски професори, студиски програми кои овозможуваат мобилност и вмрежување.
Во текот на минатата година, на УКИМ започнаа активности за анализа на методологиите за рангирање, кај поголем број на листи кои ги рангираат универзитетите во светот. Оваа активност резултираше со усвојување на акции за подобрување на видливоста и рангирањето на УКИМ, донесени од телата на Универзитетот. Дополнителните анализи кои континуирано се спроведуваат укажуваат на потребата за зголемување на бројот на публикации индексирани на WoS и/или SCOPUS, како еден од најстабилните индикатори, присутен со висок тежински фактор кај престижните листи.
Јавноста особено внимание придава на универзитетската ранг-листа на Webometrics и често несоодветно ѝ се дава епитетот на „најпрестижна“ листа. Оваа листа е сеопфатна и рангира голем број на институции, што ја прави соодветна за споредбени резултати во научноистражувачкиот простор кај нас.
На оваа листа, во моментот, УКИМ е рангиран на 1596. место и овој рејтинг е стабилен во последните четири години. Највисокиот рејтинг бил достигнат во јули 2021 (1493. место), а само шест месеци пред тоа УКИМ бил на 1611. место (графикон 1). Математички, графиконот асоцира на линеарна функција со тренд на континуиран раст. И двете ранг-места (1493. и 1611.) се во рамките на варијациите карактеристични за вакви листи, кои се должат на промени во Webometrics-методологијата, а не на шестмесечни осцилации во квалитетот на универзитетите.

Графикон 1. Рангирање на УКИМ на сервисот Webometrics за периодот јануари 2018 – јануари 2022

Webometrics-листата за рангирање на универзитетите во светот се изготвува и се објавува двапати годишно и, пред сѐ, се базира на:
 евалуација на интернет-содржините, интернет-сообраќајот и отворениот пристап до податоци, што како индикатор носи дури 50 % тежинско влијание;
 евалуација на научноистражувачката работа и извонредноста, преку два индикатора, кои севкупно ги носат останатите 50 % тежинско влијание, а тоа се индикаторот за анализа на цитираноста на најдобрите 210 Google Scholar-профили од институцијата и индикаторот за анализа на бројот на публикации, во списанија рангирани во 10 % најцитирани по научни дисциплини, согласно со SCIMAGO универзитетската ранг-листа на SCOPUS.
Горенаведената методологија се применува од почетокот на оваа година. Претходно, покрај наведените три индикатори, се рангираше и индикаторот за присутност. Овој индикатор се однесуваше на споделување информации во интернет-просторот кои придонесуваат кон јавното знаење и веќе не се користи.
Наведеното индицира на фактот дека методологијата за рангирање на сервисот Webometrics претрпе промени и од поранешните четири индикатори:
 присутност, отвореност, влијание и извонредност, индикаторот за присутност е укинат и се применуваат останатите три индикатори. Ова доведува до нова прераспределба на тежинските влијанија на индикаторите, односно ренормирање на методологијата, што ги прави резултатите неспоредливи. Од наведените причини, сервисот Webometrics истакнува дека поради честото менување на методологијата, историски гледано, резултатите не се компарабилни.
Активностите кои беа преземени на УКИМ за зголемување на видливоста преку Google Scholarпрофилите на академскиот кадар, можеби влијаат на поголемото варирање што се забележува во едно од последните три рангирања. Придобивките од овие активности се сознанијата дека секој член на академската заедница мора да се вклучи во активностите, правилно да ја применува афилијацијата, да се чувствува како дел од УКИМ, редовно да изработува самоевалуација и да известува за своите активности.
На академската заедница, во стремењето кон извонредноста, неопходна ѝ е поддршка од институциите на системот, кои треба да ги обезбедат условите за квалитетна, континуирана научноистражувачка работа и творештво. Тоа е основен предуслов за подобрување на позиционираноста на универзитетските ранг-листи и состојбата со научноистражувачката работа во државата. Во Анализата е презентирана аналитика на SciVal, од каде што се согледува значењето на УКИМ во научноистражувачката
актива, реферирана за нашата држава.
Дискусијата околу рангирањето треба да ги поттикне проактивноста и синергетското дејствување на сите чинители во високообразовниот и научноистражувачкиот простор во државата. Остварувањата на факултетите и универзитетите се збир на остварувањата на секој поединец, член на академската заедница. Резултатите кои се постигнуваат во академското творештво се јавни, транспарентни, мерливи и споредливи. WoS и SCOPUS не ги индексираат објавите на социјалните мрежи, туку само научните публикации кои презентираат податоци од сериозни истражувања, изведени со примена на најсовремени научноистражувачки методи, го поминуваат процесот на анонимни рецензии, кои го потврдуваат квалитетот на истражувањата и добиените резултати.
Најпосле мора да се прифати дека УКИМ сме сите ние, УКИМ е секој поединец, секој еден член на академската заедница, без разлика дали се работи за сегашен или поранешен студент, наставен, ненаставен или помошен кадар. Сите сме УКИМ, успесите, како и евентуалните неуспеси на УКИМ, се резултат на активностите на сите нас. За среќа, резултатите кои се постигнуваат во академското творештво, се јавни, транспарентни, мерливи и споредливи.
Во претстојните недели ќе преземеме неколку јавни активности поврзани со појаснување на методологиите за рангирањето на универзитетите. Една од нив ќе биде во соработка со Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИс) на УКИМ и со С(ц)иеста заедницата на научници родум од Македонија. Настанот ќе биде отворен за јавноста и ќе претставува добра можност да се продискутира за местото на УКИМ во глобалните научни трендови.
Продлабочени информации, во контекст на овој осврт, достапни се во документот: Анализа на резултатите од научноистражувачката работа на УКИМ преку опфатот во SCOPUS: мапирање на состојбата за периодот 1991 – 2021, како долгогодишен просек и одделно за 2021 година.

University "Ss. Cyril and Methodius" in Skopje