Home | News | 25.02.2025


Презентирана апликацијата Noticing – алатка-добитник на меѓународната награда на Британскиот совет ELTons

На 25 февруари, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа презентација за една сосема поинаква употреба на вештачката интелигенција во образованието: новокреираната апликација Noticing, алатка – добитник на меѓународната награда на Британскиот совет ELTons за иновативна употреба на технологијата во доменот на образованието.

Настанот, на кој присуствуваа претставници на универзитетската заедница, го отвори проректорката за настава, проф. д-р Соња Топузовска, која во обраќањето истакна дека веб – апликацијата Noticing е резултат на еден таков стремеж за вклученост на наставникот во развивање решение базирано на вештачка интелигенција, но педагошки репозиционирано: студентите да бидат активни чинители во процесот на создавање знаења, не пасивни набљудувачи.

Детално образложение за тоа што претставува Noticing и како се употребува дадоа нејзините креатори: проф. д-р Елена Ончевска Агер, редовен професор по методика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и нејзиниот сопруг, Метју Агер, доктор по применета математика и софтвер инженер.

Инаку, Noticing користи ВИ за продлабочување на комплексните процеси на рефлексија, планирање и истражување во наставата, на тој начин што симулира разговор со ментор. Noticing не генерира готови решенија, туку им помага на наставниците самите да дојдат до сопствени, осмислени решенија. Апликацијата веќе втора академска година се користи во контекст на образување идни наставници од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и за профилирање.