Home | News | 13.06.2025


Промоција на капиталната научна монографија „Македонска поетика и стилистика”

Денес, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со особена чест и гордост ја промовиравме капиталната научна монографија „Македонска поетика и стилистика“.

„Овој настан е повеќе од обична промоција. Тој е празник на македонската литература, на македонската филолошка наука, на истрајната посветеност и соработка меѓу институциите, научните заедници и поединците што стојат зад ова издание.
Колективната монографија што денес ја славиме е резултат на повеќегодишната работа на еминентни научници од нашиот Универзитет – од Институтот за македонска литература и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и на реномираниот професор Бранко Тошовиќ од Универзитетот „Карл Франц“ во Грац. Воедно, ова издание е создадено под покровителство на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет – што само ја засилува неговата вредност и значење во меѓународен контекст.“ – рече ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова во нејзиното пригодно обраќање.

Како прва национална монографија во рамките на серијата „Словенска стилистика“, ова издание е не само академски влог туку и културно-национален запис за идните генерации.

Длабока благодарност до сите автори, уредници и институции кои стојат зад ова значајно дело.