Критичкото размислување останува клучно и во ерата на вештачката интелигенција
Пишува: Сара Танаскоска, студентка на мастер-студии по Меѓународно јавно право
Живееме во ера во која вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од нашето секојдневие, менувајќи го начинот на кој учиме, истражуваме и пристапуваме до информации. Ако до пред неколку години, за да истражиме одредена тема, требаше да поминеме часови во библиотека или да пребаруваме низ бројни книги и научни трудови, денес голем дел од тие информации ни се достапни за само неколку секунди.
Од добивање брзи објаснувања за сложени теми до анализа на големи количини податоци, алатките засновани врз вештачка интелигенција отвораат нови можности за учење и истражување. Сепак, покрај бројните придобивки, тие наметнуваат и нови предизвици, особено кога станува збор за критичкото размислување, проверката на информациите и нивната одговорна употреба.
Според Суад Сефери, вештачката интелигенција треба да се сфати како поддршка во процесот на учење, а не како негова замена. Тој смета дека за студентите најважно е најнапред да ги совладаат основите на областа што ја изучуваат, а дури потоа да ја користат технологијата за да ја зголемат својата продуктивност и ефикасност.
„ВИ не треба да биде замена за учење, туку алатка што му помага на студентот подобро и побрзо да учи. За да ја користите правилно, прво мора да ги разбирате основите на областа што ја студирате. Кога ја знаете суштината, ВИ може значително да ја зголеми вашата продуктивност и ефикасност“, додава Сефери.
Сефери предупредува дека најголемиот ризик од употребата на вештачката интелигенција е некритичкото прифаќање на добиените информации. Затоа, како што посочува, неопходно е студентите секогаш да ги проверуваат фактите, да консултираат релевантни извори и научни трудови и самостојно да проценуваат дали информациите се точни и веродостојни.
Тој оценува дека иднината нема да им припаѓа на оние што ќе ги копираат одговорите генерирани од ВИ, туку на оние што ќе знаат да поставуваат квалитетни прашања, критички да размислуваат и правилно да ги применуваат добиените информации.
Во однос на иднината на образованието, Сефери смета дека вештачката интелигенција ќе придонесе за подостапно и поперсонализирано учење, но дека човечките вештини – критичкото размислување, креативноста, етиката, комуникацијата и способноста за решавање проблеми – ќе имаат уште поголемо значење во академскиот и професионалниот развој на младите.
„Не е доволно само да знаеме да користиме ВИ. Мора да бидеме и ВИ-писмени“, нагласува Сефери.
Пораката е јасна: иднината на образованието нема да зависи само од технолошкиот напредок, туку и од способноста на студентите самостојно да размислуваат, да анализираат и да носат одлуки.
Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.

Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)