Почетна | Вести | 10.07.2026


Мозаикот на природните убавини: Македонија

Пишува: Наталија Секулоска, студентка на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет

Македонија е земја во која на релативно мала површина се испреплетуваат бројни природни реткости и културни богатства. Многу од нив сè уште се неистражени или се помалку познати за пошироката јавност. Секоја природна убавина зад себе крие богата историја, а токму тоа го прави ова мало парче земја толку посебно.

Долгата геолошка историја е причината за обликувањето на мозаичниот, односно т.н. шаховски изглед на релјефот во нашата земја. Од високи планини што се издигнуваат над 2.000 метри надморска височина, преку тектонски езера стари милиони години, плодни котлини, впечатливи кањони и клисури, прекрасни реки, водопади и бројни спелеолошки објекти – секој предел се одликува со значителен степен на ендемизам.

Охридското Езеро, сместено во југозападниот дел на Македонија, заедно со градот Охрид, во целост го оправдува епитетот „Бисер на Балканот“. Слатководниот жив свет што живее во длабоките води на најстарото езеро во Европа привлекува истражувачи од целиот свет, а на неговата тиркизна боја тешко дека некој може да остане рамнодушен. Обгрнати од планината Галичица на источната страна, езерото и градот создаваат пејзаж во кој има сѐ што може да посака еден љубител на природата.

Планината Галичица сама по себе претставува природна лабораторија. Таа се одликува со дури 13 ендемски видови растенија, од кои 11 можат да се сретнат исклучиво тука и на ниедно друго место. Поради својата геолошка подлога, на планината се застапени бројни спелеолошки објекти. Врвот Магаро, со своите 2.255 метри надморска височина, нуди неверојатен поглед кон уште едно тектонско езеро – Преспанското Езеро.

Преспанското Езеро е второто по големина тектонско езеро во Македонија и претставува живеалиште на бројни видови птици и разновиден слатководен жив свет. Еколошката катастрофа предизвикана од повлекувањето на водата доведе до нарушување на целиот екосистем. Сепак, со постепеното зголемување на нивото на водата, полека се обновуваат живеалиштата на птиците и на другите животински видови, а туристичките локалитети повторно стануваат привлечни за посетителите.

Источно од Преспанскиот Регион се издигнува Баба Планина, на која се наоѓа првиот прогласен национален парк во Македонија – Пелистер. Специфичните камени реки, ледничките езера и моликата, како ендемичен вид, се само дел од карактеристиките што го прават овој предел особено впечатлив.

На другиот крај од државата, во југоисточниот дел, се наоѓа третото, а воедно и најмалото тектонско езеро во Македонија – Дојранското Езеро. Тоа се одликува со 12 фаунистички ендемити и со традиционален начин на риболов со помош на корморани и други птици. Дојранската кал се користи за третмани на кожата, поради што овој регион претставува спој на спортско-рекреативен и здравствен туризам.

Непосредно до Дојранското Езеро се издигнува планината Беласица, на чии северни падини се наоѓаат Колешинските Водопади. Тие се меѓу повисоките водопади во Македонија и достигнуваат висина од околу 15 метри. Во нивната околина се наоѓаат уште неколку помали водопади, високи од два до четири метри. Колешинските Водопади се прогласени за споменик на природата, а во нивна близина може да се сретне и кралската папрат – редок реликтен вид.

Малешевијата претставува еден од најчистите и најнезагадени предели во државата, каде што температурите се значително пониски, особено во летниот период. Регионот се одликува со густи борови шуми и претставува одлична дестинација за љубителите на активниот туризам. Дополнителна вредност му даваат традиционалните специјалитети подготвени од природно произведени локални производи.

Македонија е богата со кањони и клисури, создадени како резултат на долготрајното дејство на реките врз карпестата подлога. Најпознат е Кањонот Матка, на реката Треска, кој покрај својата извонредна природна убавина претставува значајно живеалиште на бројни ендемични и ретки видови. Воедно, тој е и една од најпосетуваните туристички дестинации во земјата. Кањоните и клисурите претставуваат совршен спој на научна вредност, авантуристички туризам и недопрена природа, оставајќи незаборавен впечаток кај секој посетител.

Во северозападниот дел на Македонија се наоѓа еден од најголемите планински масиви – Шар Планина, на која се простира и истоимениот национален парк, прогласен во 2021 година. Шар Планина настанала за време на алпското набирање во терциерот и, од хидролошки аспект, се одликува со исклучително богата хидрографска мрежа, за што сведочат 27 планински езера, повеќе од 25 поголеми планински реки и над 100 извори. Токму на Шар Планина, кај селото Вруток, извира реката Вардар.

Вардар, како најголема и најзначајна река во Македонија, има интересна композитна долина. Од нејзиниот извор кај Вруток, па сè до вливот во Егејското Море, се редат клисури и котлини, создавајќи впечатлив природен пејзаж. Според историските записи, во минатото, приближно до XVIII и XIX век, реката била пловна, а по неа со чунови се пренесувало жито.

Целиот западен дел на државата изобилува со природни убавини. Почнувајќи од Кораб – највисокиот врв во Македонија, преку Националниот парк Маврово, планината Бистра со своите пространи пасишта и планината Јабланица со глацијалните форми и богатството од водни ресурси, овој регион претставува вистинска ризница на природни вредности.

Вевчанските Извори се меѓу најубавите и најзначајните хидрогеолошки објекти во Македонија. Тие се наоѓаат на источните падини на планината Јабланица, западно од селото Вевчани. Покрај својата исклучителна природна убавина, Вевчани е препознатливо и по својата богата и долгогодишна традиција.

Од Охридското Езеро истекува реката Црн Дрим, која тече низ Струшкото Поле и кај Дебар ја напушта територијата на Македонија, припаѓајќи на Јадранското Сливно Подрачје. Реката има големо значење за рибарството, но претставува и една од најпрепознатливите туристички атракции во Струга.

Обиколувајќи ја Македонија, станува очигледно дека секој нејзин предел претставува непроценливо природно богатство. Без разлика дали станува збор за езеро, планина, котлина, кањон или река, секоја природна целина придонесува кон богатата географска разновидност на земјата.

Токму затоа, зачувувањето, заштитата и одговорното вреднување на овие природни богатства треба да бидат наш приоритет. Само така идните генерации ќе имаат можност да ги запознаат и да уживаат во природните убавини што ја прават Македонија единствена.

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.