Меки вештини: како да се издвоите
Пишува: Вероника Гијовска, студентка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет
Практични идеи како овој период да ги развивате вештините што ги бараат работодавците
Постојат испити за кои не се добива оцена, но сепак се полагаат секој ден.
Како да работите со луѓе кои размислуваат поинаку од вас? Како да направите групна презентација кога секој наеднаш има побитна обврска? Како да останете смирени кога баш сѐ не оди по планот?
За овие вештини, не се добива оцена во индексот. Професорите на факултетите не ве учат како да останете смирени, а предавањата не вклучуваат лекции по емпатија. Сепак, сѐ поголем број на компании, овие вештини ги гледаат како клучен фактор за издвојување на одличните кандидати.
И иако личи дека некои луѓе се „родени“ за да зборуваат пред публика, да бидат лидери во групите, други се природно поемпатични, покреативни, поприспособливи, поорганизирани, а трети едноставно многу полесно „кликнуваат“ со тимот, добрата вест е дека постојат милион начини секој да работи на подобрување на своите меки вештини. А летото е идеалниот период за тоа.
Јавно говорење
Интересно е како студентите од струките во кои јавното говорење не претставува клучен дел од секојдневната работа, многу доцна разбираат дека оваа вештина е клучна за секого. Речиси секој студент, порано или подоцна, ќе се соочи со интервјуа, презентации на сработеното, тимски состаноци и разговори со професори и работодавци. Во овие моменти, еднакво важно со тоа колку знаете, е јасно, самоуверено и убедливо да го пренесете она што го знаете.
Деновиве, на социјалните мрежи е вирален предизвик од една минута, во кој учесниците од интернет или ВИ добиваат случајна тема, на која имаат точно една минута да зборуваат.
Иако на почеток изгледа чудно, по некое време речиси сите учесници забележуваат дека полесно ги организираат своите мисли, побрзо ги формулираат идеите и зборуваат посигурно.
Вмрежување
Постојат два типа луѓе: оние што за пет минути ќе ја запознаат половина сала и оние што ќе го проучуваат сокот додека чекаат некој друг да им пријде. Ако се пронајдовте во вторите, не грижете се, вмрежувањето не е вроден талент, туку вештина што се развива со практика.
За ова всушност, најлесна вежба е разговор со луѓе поразлични од вас. Ако знаете како лесно да пронајдете заедничка точка со соговорникот, половина проблем сте го решиле. Затоа, ве предизвикувме секоја недела од летото, свесно да најдете барем еден соговорник кој не го познавате, и да пробате да направите барем краток разговор – било кој, некој кој седи до вас во автобусот, келнерката која ви го носи кафето, човек од теретана или соседот со кој со години се поздравувате во ходникот.
Лидерство
Ве предизвикувам да го смислите најневообичаениот викенд со вашите пријатели. Најдете локација каде не одите често, активност која не ви е вообичаена, и убедете ги дека ќе им биде најинтересниот ден во летото. Организирајте кој ќе вози, кој ќе ја донесе храната, а кој ќе го донесе звучникот. Истовремено ќе излезете од рутината, и ќе испробате како е да се организира тим кој не е еднакво ентузијастичен за идејата.
Летната работа како интензивен курс за меки вештини
Ретко кој размислува дека од летните, најобични работи, се добива многу повеќе од дневница. Работата во кафич, бутик или сендвичара, може да ве научи многу повеќе од тоа што мислите. Ве учи да се справите со луѓето и да работите под притисок. Да си ги организирате обврските и да соработувате со тимот. Креативно да ги решавате проблемите. Ве учи на сите вештини кои ќе ви бидат навистина корисни во струката за која студирате, а и понатаму во животот.
Дополнително, добивате плата.
Освен ова, ако немате можност за работење, одличен начин да се подобруваат меките вештини е волонтирањето, па ве предизвикуваме да се приклучите во некоја од летните можности за студентите на УКИМ кои ги објавивме.
(Ова може ли да биде линк до другата статија?)
Следниот чекор
Освен преку вежби, како супер можност да се инспирирате ги исдвојуваме и следниве книги
„Атомски навики“ – Џејмс Клир (дисциплина, градење навики, личен развој)
„Како да се здобијат пријатели и наклоност на луѓето“ – Дејл Карнеги (комуникација и меѓучовечки односи)
„7 навики на успешните луѓе“ – Стивен Кови (организација, лидерство и лична ефективност)
„Мислење, брзо и бавно“ – Даниел Канеман (донесување одлуки и критичко размислување)
А ако не сте по читањето, како одлична можност за надоградба, заедно со утринското кафе, е гледањето на TedX Talks или некои од видеата на Andrew Huberman, Ali Abdaal и Simon Sinek.
Постојат испити за кои не се добива оцена…
И можеби токму тие „испити“ се најважните. За нив нема индекс, нема поправен испит и нема диплома. Но, секој разговор, секоја летна работа, секое волонтирање и секој мал предизвик ве прават малку подобри отколку што сте биле вчера. А тоа е оценка што ќе ја препознаат и работодавците, и колегите, а и вие самите.
Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.


Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)