Почетна | Вести | 25.06.2026


Младинските политики и стабилноста на очекувањата кај младите

Пишува: Ристе Костовски, Магистер по економски науки и економски истражувач

 

Очекувањата и довербата на младите во креаторите на политиките и во самиот концепт на политиките се клучни за имплементацијата на политиките и за користењето на мерките од страна на младите. Младинските политики и стратегии се клучни за создавање клима во која младите ќе можат да се развиваат. Покрај самиот модел на планирање и имплементација на младинските политики и стратегии, важни се и очекувањата и довербата на младите како целна група и корисници на тие планови и политики. Нивната важност произлегува од двонасочната релација во која политиките создаваат очекувања, а очекувањата, пак, се важни за успешна имплементација на политиките. Во таа насока, политиките се значајни за стабилизирање на очекувањата кај младите, а стабилните очекувања се важни за прифаќањето и користењето на мерките и политиките.

 

Политиките, во основа, се инструменти за остварување определени цели. Тие ја определуваат насоката на мерките и активностите со кои треба да се постигнат одредени мисии, визии и цели. Ставени во контекст на младинските политики, тие претставуваат документи и планови со кои се настојува да се остварат поставените цели на младинскиот развој. За успешна имплементација на политиките потребни се стратегии на пониско ниво, како и акциски планови преку кои ќе се спроведуваат конкретни активности и чекори. Со цел да се обезбеди добра операционализација на проектите, во кои се дефинирани конкретни активности и настани, потребна е инклузивност во целиот процес на планирање. Преку инклузивноста се зголемува довербата и перцепцијата за кредибилитетот на самите политики. Таквата перцепција, при имплементацијата на моделите на политики, стратегии, планови и проекти, резултира со поголемо прифаќање и користење од страна на младите.

Поднаслов: Фокус на младинскиот развој во Македонија

 

Еден од главните постулати на развојната политика на секоја влада треба да биде развојот на младите. Оваа цел е исклучително важна за стабилизирање на демографските текови и за подобрување на состојбите на пазарот на труд. Пред сè, потребно е стабилизирање на очекувањата на младите. За таа цел, неопходно е зголемување на капиталните инвестиции наменети за младите, како и на небуџетските средства за поддршка на младинските организации.

 

Прудентното и ефикасно управување со буџетите е неопходно за зајакнување на капацитетите на општините за соработка со младинските организации. Во тој контекст, со цел да се зголеми задоволството на младите, важен е фокусот на поголема и поефикасна достапност на услугите наменети за нив. На овој начин, ќе се зголеми мотивацијата за младински активизам и желбата на младите да се вклучуваат во процесите на донесување одлуки.

За сето ова, неопходно е да се подобрат процесите на планирање на самите младински политики и стратегии, како и да се обезбеди континуитет во нивната имплементација. Тоа е потребно за да се зголемат ефикасноста и ефективноста, како и за да се оствари позитивно влијание врз довербата на младите во креираните политики, што е клучно за зголемување на нивното задоволство.

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.