Првите чекори кон големите откритија
Студентите од ПМФ за првите проекти, научните предизвици и искуствата што ги обликуваат како идни истражувачи
Пишува: Вероника Гијовска, студентка на институтот за хемија при Природно-математички факултет
Науката не започнува со големи откритија, туку со првото поставено прашање.
За повеќето студенти, додипломските студии нема да бидат период во кој ќе ги решат најголемите проблеми на светот, ќе измислат нешто ново или ќе направат откритие кое ќе остави трага во историјата на науката. Сепак, зад долгите часови поминати во лабораторија, куповите статии со нова терминологија и ситните грешки од кои многу се учи, се крие процесот на градење научник, будењето на љубопитноста и критичкото размислување.
За студентите на Природно – математичкиот факултет, студиите преставуваат и можност да се вклучат во научно – истажувачка работа. Во рамките на факултетот функционираат шест институти, со бројни студиски програми и активни лаборатории. Тоа се институтите за биологија, хемија, физика, географија, математика и етнологија и антропологија.
Под менторство на своите професори, овие студенти реализираат проекти, објавуваат трудови во списанија, учествуваат на семинари и презентираат на конгреси. Но, како изгледа научно-истражувачката работа од перспектива на студентите? Разговаравме со неколку додипломци од различни институти на ПМФ за нивните искуства.
Поднаслов: Научната работа како прв поглед во светот на истажувањето
„Можноста да сум дел од научно-истражувачки проект, особено како студент во рана фаза од студиите, ми овозможи да согледам како се одвива целиот процес на спроведување научно истражување. Сметам дека научно-истражувачката работа ја подобрува креативноста, поттикнува критично размислување, ги збогатува знаењата и овозможува развој на нови практични вештини “ , вели Анастасија Хаџисмилева, која уште во втората студиска година работела на студентски проект во областа на зелената аналитичка хемија, фокусиран на екстракција на биоактивни соединенија од кантарион со примена на еколошки поприфатливи растворувачи.
За младите истражувачи, менторството претставува можност од прва рака да го следат процесот на создавање наука. Работејќи со поискусни истражувачи, тие не само што стекнуваат дополнителни знаења и практични вештини, туку учат и како да постават добро истражувачко прашање, да изберат соодветна методологија и критички да ги анализираат добиените резултати. Токму ваквите искуства претставуваат важна основа за нивната идна самостојна работа во науката.
Поднаслов: Научната работа како простор за соработка
„Во процесот имав прилика да увидам и што навистина значи тимска работа и како решавањето на проблемите е полесно кога кон тоа придонесува секој член од тимот“ додава Анастасија.
Додека најголем дел од студентските обврски се насочени кон индивидуално учење и напредок, научно-истражувачката работа отвора поинаква перспектива – онаа во која знаењето не се создава самостојно, туку преку дијалог, соработка и размена на идеи. Ова е особено значајно денес, кога многу од најголемите научни откритија и иновации се раѓаат на пресекот меѓу повеќе дисциплини, каде што успехот зависи од способноста различни експерти да работат кон заедничка цел.
Поднаслов: Надвор од страниците на скриптите
„Вкупниот процес на изработка ги отвора погледите кон пронаоѓање решенија за веќе постоечките проблеми, како и кон читање на најнови истражувања и следење на трендовите“, вели Александра Ѓерасимовска, која работела на истражување фокусирано на мониторинг на органохлорни пестициди во реката Вардар.
Студентската научно-истражувачка работа претставува своевиден прозорец кон современата наука. Надвор од рамките на учебниците, на овој начин студентите добиваат можност да се запознаат со најновите научни достигнувања, актуелните трендови и предизвици. Токму оваа изложеност често им помага да ги идентификуваат областите што најмногу ги интересираат и да го насочат својот понатамошен професионален развој.
Поднаслов: Од истражување до публикација
Научно-истражувачката работа не секогаш започнува во лабораторија. За Христина Митреска, студентка по теоретска математика, првите чекори во научното истражување биле направени преку научно-популарниот семинар „Математика и примени“, кој на студентите им овозможува уште за време на студиите да се вклучат во научни активности и да ги претстават своите идеи пред поширока публика.
Во изминатите три години таа учествувала како предавач на семинарот, а трудовите произлезени од нејзините предавања биле објавени во списанието „Математички омнибус“. Од тема посветена на играта икс-нула, па сè до предавање за трансцендентните броеви, област што и денес нуди бројни отворени прашања за истражување, нејзиниот ангажман претставува пример за постепен развој на еден млад истражувач
„Учеството во вакви научни активности уште во студентските денови ми овозможи да стекнам искуство во истражување, научно пишување и презентирање резултати, како и да ја продлабочам мојата љубов кон математиката“, вели Христина.
Во текот на својата работа, преку докмунетирање на резултатите, пишување на трудови, и подготовка на предавања, студентите развиваат вештини кои се подеднакво важни како и самото истражување.
Поднаслов: Студентите како дел од научната заедница
Покрај личниот и професионалниот развој, научно-истражувачката работа им овозможува на студентите активно да придонесуваат кон научната дејност на своите институти.
„Учеството во истражувачка работа за време на додипломските студии е идеален начин студентите да се запознаат со проблеми кои моментално се релевантни во хемијата и да работат на нивно решавање. Ваквиот предизвик може дополнително да ги мотивира да се заинтересираат за хемијата, и отвора пат да продолжат да работат на слични тематики и за време на постдипломските студии. Од друга страна, научно-истражувачката работа е тимска задача и со своето учество студентите придонесуваат за зголемување на бројот и разновидноста на истражувања што можат да се направат, со што дополнително се зајакнува научната дејност на Институтот“, вели Дарко Стојчев, кој активно работи на синтеза и карактеризација на хибридни органо-неоргански перовскити и органски материјали со флуоресцентни својства.
Перовскитите денес претставуваат една од најистражуваните класи на материјали во светот поради нивниот потенцијал за примена во современите технологии. Вклучувањето на студентите во вакви истражувања не само што им овозможува работа на актуелни научни теми, туку и можност активно да придонесат кон развојот на нови знаења во својата област. На овој начин студентите не се само набљудувачи на науката, туку и нејзини активни учесници. Нивната работа станува дел од пошироките истражувачки напори на институтите и научните групи во кои се вклучени, а стекнатото искуство често претставува основа за понатамошен академски развој и нови истражувачки предизвици.
Поднаслов: Нешто повеќе од истражувања
Искуствата на студентите од Природно-математичкиот факултет покажуваат дека независно од областа во која работат и причината поради која започнале, времето поминато во истражување претставува многу повеќе од уште една академска активност. Тоа е процес во кој љубопитноста постепено преминува во знаење, а знаењето во способност за самостојност.
Додипломските истражувања, ретко го менуваат светот, но често ги создаваат луѓето кои ќе го променат. Токму затоа, вложувањето во младите истражувачи не претставува само инвестиција во нивното образование, туку и голема инвестиција во иднината на науката.
Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.


Бул. „Гоце Делчев“ бр. 9, 1000 Скопје, Република Северна Македонија
ukim@ukim.edu.mk
3293-293 (централа)