Почетна | Вести | 18.11.2026


77 ГОДИНИ ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ – 77 ГЕНЕРАЦИИ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ СВЕТОТ

Пишува : Борче Исакоски, студент на Природно – математички факултет

Минатиот месец на 6 октомври во Националната опера и балет – Скопје свечено се одбележаа јубилејни 77 години постоење на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на пошироката академска заедница на градежни инженери, професори, вработени, студенти, партнери и пријатели на Факултетот, повторно беше потенцирана важноста на оваа високообразовна установа во нашето општество како примарна и најголема ковачница на умови кои го формираат материјалниот свет околу нас во нашата земја. 

За каква важност конкретно станува збор? Да тргнеме од тоа дека практично најголемиот дел од високоградбата и нискоградбата во Македонија претставува идеја и реализација токму на професионалците од најстариот технички факултет кај нас. Патиштата кои ги поврзуваат нашите градови и села, сообраќајната мрежа која го оправдува географското значење на нашата држава на светската мапа, зградите во кои живееме, мостовите и тунелите кои овозможуваат непречено движење, градбите кои го претставуваат основниот функционален и естетски идентитет на нашите населени места, како и системите за одржување и снабдување со вода за пиење се само некои од делата на претставниците на оваа заедница на стручњаци. Дури и во денешно време, кога се поголем дел од овие проекти се финансирани и водени од странски инвеститори и компании, не може да се занемари значењето на инженерите од Градежниот факултет и нивната експертиза во процесот, во кој тие се вклучуваат како ревизори, советници, соработници, локални проектанти и подизведувачи. Ова е и тоа како значајно во обезбедувањето на една инфраструктурна сувереност на нашата земја, затоа што очигледно е дека без да постои Градежниот факултет како посебна установа голем дел од проектите кои се неопходни за постоењето на едно општество во ова модерно доба ќе мора целосно да бидат водени од меѓународни градежни великани – што би чинело многу повеќе време, но и многу повеќе пари од нашиот национален буџет. 

Вреди да се спомне дополнително и дека по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, основата на повторната изградба на главниот град и неговото воскреснување лежела токму во знаењето и спремноста на актуелните експерти од редовите на Градежен факултет. Тие се оние кои се заслужни во најголема мера за денешниот специфичен и прекрасен изглед на Скопје, како и за додавањето на моментот на дополнителна безбедност при планирање и спроведување на идните градежни проекти со акцент на асеизмичноста и асеизмичкото проектирање. Ова е особено важно затоа што ја проширува и зголемува обврската на градежните инженери, така што ја трансформира од чисто академска и научна должност во општествена и морална задача со фокус на заштитата на човечките животи.

За да го потврдиме дополнително сето ова што беше кажано во претходните неколку реченици и да добиеме една подобра слика за значењето на Факултетот од друга перспектива, зборувавме со Миладин Крстаноски, дипломиран градежен инженер и актуелен претседател на Факултетското студентско собрание при Градежен факултет. Тој ни го споделува своето мислење за моменталната структура и заедницата која денес го карактеризира градежниот свет, предизвиците со кои таа се соочува, како и транзицијата од традиционалното градежништво кон нови, модерни и алтернативни методи :

Како студент на Градежен факултет при УКИМ во Скопје и претседател на тамошното ФСС, како сметаш дека студентите на овој факултет ја согледуваат важноста на оваа високонаучна установа во општеството?

„Сметам дека студентите на Градежниот факултет го препознаваат значењето на оваа установа до нивото кое што е општествено пропишано и потребно – со задоволство можам да кажам дека во најголема мера членовите на академската заедница на нашиот Факултет активно се вклучени во процесот на студирање и развивање на личното, но и колективното добро во рамките на оваа дејност, водени чисто од амбиција и одговорност. Во време кога се повеќе се нормализира апатијата кон студиите и студентскиот живот е соочен со предизвици повеќе од кога било, навистина можеме да се пофалиме со искуство кое излегува од традиционалната димензија на ограничено стекнување на знаења, туку и на развој на свеста за општествената и професионалната одговорност која ние како идни имиња зад големите инфраструктурни проекти ја поседуваме. Факултетот за студентите верувам претставува повеќе од медиум преку кој се стекнува диплома, напротив претставува темел на урбаниот развој, економскиот напредок, безбедноста и квалитетот на животот на граѓаните во нашата земја. Со таа идеја на ум, она што ни останува нам е да придонесеме максимално и исклучиво кон подобрување на струката која што не поврзува, како и на заедницата и институцијата како главен центар на истата.“

Од твоја гледна точка, дали Градежниот факултет успева во наоѓање на баланс помеѓу традиционалното македонско инженерство кое е дел од секојдневието, и потребата од нови, зелени и модерни инфраструктурни решенија?

„Градежен факултет и неговата дејност имале, имаат и верувам ќе продолжат да имаат важна улога во развојот на нашата држава. Богатото инженерско наследство и најголем дел од проектите кои го обезбедиле и сочувале истото во Македонија се токму дело на умот и силата на експертите кои доаѓаат конкретно од нашиот Факултет. Нормално дека со менувањето на регулативите, потребите и барањата на националната и меѓународната сцена се менуваат и политиките кои се практикуваат во нашата установа. Се повеќе се посветува внимание на наоѓање решенија на актуелните предизвици со кои е соочено современото градежништво, како климатските промени, енергетската ефикасност, одржливото управување со ресурсите, дигитализацијата и потребата од отпорна инфраструктура. Повеќе не е доволно само да се изгради инфраструктура што ќе ја исполнува својата основна функција, туку таа треба да биде безбедна, економски оправдана, еколошки одржлива и прилагодена на потребите на идните генерации. Од таа причина на пример, на нашиот Факултет постои специјализирана лабораторија во која што се вршат анализи и се испитуваат соодветни механизми за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата при работа со бетон како еден од основните градежни материјали. Дополнително, студиските програми се фокусираат се повеќе на предмети кои вклучуваат изучување и работа на алтернативен пристап кон градежништвото во согласност со модерните интернационални критериуми со цел зголемување на нивото на еколошка и просторна одржливост. Иако, во најголема мера станува збор за изборни предмети кои треба да се размисли како да се вметнат подобро и пооптимално во задолжителната настава, интересот кај студентите за нив од година во година е се поголем. Затоа, верувам дека иако транзицијата кон моменталните трендови не е целосно усогласена и завршена, таа е на добар пат и нема простор за загриженост.“

Колку професорите и останатите претставници на инженерската заедница се спремни и желни за поддршка и работа со студентите кога станува збор за студиите, но и за нивното организирање, дејствување и истражувачка дејност?

„Професорите на Градежен факултет се карактеризираат со повеќе од задоволителна спремност и ентузијазам кога станува збор за квалитетно пренесување на знаењето и искуството, поддршка за време на студиите, промоција на можности за дополнителен развој во границите на нашата струка од типот на конгреси и конференции, поставување на солиден пример кон што треба студентите да целат, но и во однос на нивната отвореност и разбирање за потребите и идеите на студентите во рамките на академскиот живот. Во најголема мера сум среќен што можам да гарантирам дека кадрите на нашиот Факултет гледаат на студентите како идни колеги и потенцијални соработници, а не како слушатели на предавања и обврска која е дел од нивната работа. Тие се достапни за консултации во текот на целата работна недела, а некогаш дури и за време на викендите кога работат на нивната истражувачка дејност на Факултетот. Особено ми е мило што концептот за студентско организирање преку Собранието е почитуван и примен со позитивни впечатоци од нивна страна исто така, затоа што верувам дека студентите носат нови идеи, енергија и поинаква перспектива, додека професорите го носат искуството и стручноста. Само кога постои комуникација, соживот и прифаќање меѓу нив можеме да очекуваме најдобри резултати од двата света. Секогаш нашите иницијативи се добредојдени, ислушани и промислени, и доколку е возможно остварени – таков е примерот со тоа што на барање на студентите беше обезбеден пристап до факултетската читална и во недела, со цел студентите во текот на целата седмица да имаат простор каде што можат квалитетно и сигурно да го совладуваат тековниот материјал.“

Што сметаш дека ќе биде најголем предизвик за идните генерации градежни инженери во нашата, но и меѓународната заедница? Како сметаш дека би се решил тој проблем?

„Искрено не можам да се сетам на некој специфичен предизвик кој би претставувал поголема потешкотија за идните генерации градежни инженери освен конвенционалните и постоечките проблеми кои во помала или поголема мера се заеднички за сите студенти. Не мислам дека сме и дека треба да сме загрижени за брзиот развој на вештачката интелигенција како студентите на голем дел од останатите факултети при УКИМ, бидејќи ниеден модел на вештачка интелигенција не би можел да го замени целосно човечкиот фактор во градежништвото. Како што веќе кажав, градежното инженерство денес е повеќе од пресметки и планови поврзани со конкретната градба или инфраструктура – се позначаен дел од процесот на планирање и реализирање на овие проекти станува моментот на морална одговорност која не може да биде преземена од ВИ. За се останато да се третира соодветно, а не единствено симптоматски верувам дека е потребна поголема иницијатива која не е исклучиво во доменот на дејствување на Факултетот како установа.“

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.