Здравјето нема возраст
Пишува: Сара Танаскоска, студент на мастер студии по меѓународно јавно право
На 28 години не мислиш дека приказната може да ти го промени животот. Сите брзаме некаде, како животот да е една филмска лента и ние мора да глумиме дека сме добри и среќни. Нормално е да има денови кога сме тажни, кога носиме товар на својот грб, нормално е. Има реченици кои ги читаме на социналните мрежи, ги поминуваме со поглед и продолжуваме понатаму. Понекогаш застануваме, понекогаш оставаме некоја реакција или коментар, а понекогаш забораваме што сме прочитале уште пред да го исклучиме телефонот. Но, постојат и пораки кои би требало да им обрнеме внимание. Пораки пред кои треба да застанеме, барем за момент, и да се запрашаме колку навистина се грижиме за себе.
„Упс, канцер на 28 години. Не мислев дека тоа мене ќе ми се случи.“
Ова се зборовите со кои д-р Марија, ја споделила својата приказна за соочувањето со ракот на дојка. На 28 години, кога животот сè уште изгледа како простор полн со планови, можности и нешта што допрва треба да се случат, таа се соочила со дијагноза што го менува секојдневието и начинот на кој човек гледа на сопственото постоење.
Но, Марија не ја споделила својата приказна само за да зборува за себе. Сакала да допре до други жени, да ги охрабри да се прегледаат и да ги потсети дека болеста не избира според возраста, плановите или моментот во кој мислиме дека сме безбедни. Токму во тоа се крие силата на нејзината порака: во можноста едно лично искуство да стане причина некој друг да направи нешто за себе.
Грижата за себе не треба да чека
Навикнати сме здравјето да го ставаме на списокот со обврски што постојано ги одложуваме. Имаме предавања, испити, работа, рокови, семејни обврски и планови што не сакаме да ги пропуштиме. Наоѓаме време за сè што се очекува од нас, а кога станува збор за сопственото здравје, често си велиме дека ќе се погрижиме подоцна.
Ќе закажеме преглед следниот месец. Ќе обрнеме внимание кога ќе имаме повеќе време. Ќе одиме на лекар ако нешто почне да нè боли. Проблемот е што отсуството на болка не е секогаш доказ дека сè е во ред.
Раното откривање на ракот на дојка може да направи значајна разлика во понатамошното лекување. Затоа превентивните прегледи, информираноста и навременото обраќање кај лекар не треба да бидат тема за која зборуваме само во октомври, кога розовата боја ги исполнува социјалните мрежи и јавните простори.
Свеста за здравјето не треба да биде сезонска. Таа треба да биде дел од начинот на кој живееме.
Тоа не значи дека одговорноста за здравјето треба да се сведе само на поединецот.
Достапноста на прегледите, организираноста на здравствениот систем и можноста секој да добие навремена и соодветна медицинска грижа се подеднакво важни. Но, таму каде што имаме можност да реагираме, не треба стравот, незнаењето или одложувањето да нè спречуваат да го направиме првиот чекор.
Кога една приказна продолжува да живее
По заминувањето на Марија, нејзиното семејство одлучило нејзината порака да не запре. Преку иницијативата „Check Your Boobs“ и здружението „Марија – Провери се“, нејзината приказна продолжува да ги охрабрува жените да се грижат за своето здравје.
Нејзината мајка, д-р Соња, радиолог со долгогодишно професионално искуство, денес зборува и како лекар и како мајка. Зад пораката што ја пренесува стојат и медицинското знаење и личното искуство на семејство што ја почувствувало тежината на болеста.
Преку донации и различни активности, иницијативата обезбедува бесплатни прегледи и поддршка за онколошките пациенти. Но, нејзиното значење не се мери само преку бројот на прегледи или собраните средства. Се мери и преку разговорите што инаку можеби немало да се случат, преку прашањата што некој конечно ќе се осмели да ги постави и преку одлуката на една жена да не го одложува прегледот.
Понекогаш не знаеме до кого ќе стигне нашата приказна. Не знаеме кој ќе ја прочита во вистинскиот момент, кој ќе се препознае во неа или кој ќе одлучи да направи нешто што долго време го одложувал. Но, токму затоа е важно да зборуваме.
И ние имаме одговорност
Како млади луѓе, често веруваме дека сериозните здравствени проблеми се нешто што им се случува на другите, во некоја подоцнежна фаза од животот. Имаме чувство дека времето е на наша страна и дека за грижата за себе секогаш ќе има простор.
Но, здравствената едукација не треба да започне кога ќе се појави стравот. Треба да започне многу порано – преку разговори дома, на факултет, во училиштата, во медиумите и на местата каде што младите секојдневно ги поминуваат своите животи.
Потребно е да научиме да поставуваме прашања, да препознаваме веродостојни информации и да не се срамиме да зборуваме за телото, болестите и стравовите. Да разбереме дека грижата за себе не е себичност, туку предуслов да можеме да бидеме присутни и за другите. И, можеби најважно, да научиме дека споделувањето на нечие искуство не е само чин на сочувство. Тоа може да биде и повик за дејствување.
„Check Your Boobs“ е кратка порака, но зад неа стои нешто многу поголемо од слоган. Стои приказната на една млада жена, болката на едно семејство и одлуката таа болка да се претвори во поддршка за другите.
Не мора секоја приказна да ја знаеме лично за да нè допре. Не мора секоја борба да ја поминеме за да ја разбереме нејзината важност. Понекогаш е доволно да застанеме, да прочитаме и да ја сфатиме пораката. А потоа, да направиме нешто со неа.
Провери се. Информирај се. Не го одложувај сопственото здравје. Зашто грижата за себе не треба да чека да добиеме причина да се исплашиме.
Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.


Blvd. "Goce Delchev" no. 9, 1000 Skopje, Republic of North Macedonia
ukim@ukim.edu.mk
3293-293