Home | News | 28.10.2026


УКИМ на 10-та Заедничка научна конференција во рамките на Берлинскиот процес во Подгорица, Црна Гора

Проректорката за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ивана Јанеска Стаменковска, во периодот од 12 до 14 октомври 2026 година учествуваше на 10-та Заедничка научна конференција во рамките на Берлинскиот процес (Berlin Process Joint Science Conference), која се одржа во Подгорица, Црна Гора, под мотото „Западен Балкан во Европа: Луѓе – Иновации – Трансформација“ (Western Balkans in Europe: People – Innovation – Transformation).

Конференцијата обедини претставници на универзитети, национални академии на науките и уметностите, научноистражувачки институции и организации од Западен Балкан и Европа, со цел да се разгледаат клучните предизвици и можности за развој на високото образование, науката и иновациите, како значајни двигатели на регионалниот развој и европската интеграција.

Во рамките на конференцијата, УКИМ активно придонесе во дискусијата на тема „Предвидување на трансформациите во системот на високото образование“ (Anticipating Transformations in the Higher Education System), презентирајќи ги своите перспективи за развојот на високото образование и науката, како и клучните предизвици со кои се соочуваат универзитетите во нашата земја.

Учеството на УКИМ на оваа значајна меѓународна конференција ја потврдува посветеноста на универзитетот кон активно вклучување во регионалните и европските процеси за унапредување на високото образование, науката и иновациите, како и кон градење силни партнерства со универзитети од регионот и Европа.