(l.pendovski@ukim.edu.mk)
Проф. д-р Лазо Пендовски е роден 1975 година во Скопје.
Додипломските студии ги запишал на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, во учебната 1994/1995 година, а дипломирал во 2001 година.
Од 2005 година е вработен како помлад асистент на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје при УКИМ, каде што во континуитет се избира во сите соработнички и наставно-научни звања сè до највисокото, редовен професор, во 2021 година, од полето на ветеринарната медицина.
Магистерските студии ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје при УКИМ, во 2007 година, и се здобил со научниот степен магистер по медицински науки.
Докторските студии ги завршил на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје при УКИМ, во 2011 година, кога се здобил со научниот степен доктор на науки од областа на ветеринарната медицина.
Од 2013 до 2017 година (со два избора) ја извршувал функцијата продекан за настава на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Во 2017 година, од страна на ректорот на УКИМ, назначен е за в.д. декан на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, а подоцна истата година од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот за ветеринарна медицина е избран за декан. Во 2021 година е реизбран за декан во втор мандат и ја извршува функцијата сè до неговиот избор за проректор.
Покрај наставната дејност на додипломските студии на Факултетот за ветеринарна мeдицина во Скопје, тој е вклучен во наставниот процес на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, а е професор и акредитиран ментор на докторските студии по Ветеринарна медицина и Безбедност на храна на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Во 2004 година е организатор на Меѓународниот семинар за пластинација, реализиран во соработка со Министерството за образование на Р Македонија и Министерството за образование на Р Австрија. На 12. Интернационална конференција за пластинација во Шпанија, во 2004 година ја освоил првата награда за најдобар труд, а на 8. Интернационална конференција за пластинација, одржана во 2005 година, е избран за генерален секретар на собирот. Во 2007 година, во Мурсија (Шпанија), го завршил VII постдипломски курс за пластинација на ткива со полиестер – П40.
Проф. д-р Пендовски учествувал на голем број меѓународни настани, а исто така бил и поканет предавач, при што добил признанија за посебен придонес во научните комитети на бројни стручно-научни собири со меѓународно учество (конференции, конгреси, симпозиуми и сл.).
Корисник е на повеќе грантови за едукација и истражување, како: COST-стипендија за научна посета на Ветеринарниот факултет во Загреб; CEEPUS- едномесечна стипендија на Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена (Австрија); стипендија од Министерството за наука, образование и спорт на Република Хрватска, за истражувачки престој на Ветеринарниот факултет во Загреб; научен престој од 10 месеци на Ветеринарниот факултет во Љубљана (Словенија), од програмата на Erasmus Mundus.
Активно раководел/учествувал во реализацијата на 23 научни проекти од различни програми (Tempus Joint European Project (JEP), COST, SEE-ERA-NETs, NATO-програма, FP7 и FP6-program, Erasmus+, FAO и др.), во соработка со странски универзитети и меѓународни институции.
Проф. д-р Лазо Пендовски досега има објавено повеќе од 114 научни и стручни трудови во списанија со меѓународни одбори, списанија со фактор на влијание и апстракти во земјата и во странство и е автор/коавтор на 7 книги/учебни помагала од областа на морфологијата на животните, ембриотехнологијата и благосостојбата на животните. Уредник е на 10 книги на апстракти од годишни конференции и 2 монографии за Факултетот.
Од 2013 година, тој е главен и одговорен уредник (Editor in chief) на меѓународното научно списание Macedonian Veterinary Review, кое е индексирано во најпрестижните научни бази на списанија во светот, а во Clarivate Analytics – Web of Science има фактор на влијание (IF=0.4).
Исто така, д-р Пендовски е член на меѓународните уредувачки одбори на научните списанија: Veterinary Journal of Ankara University, Meat Technology, Veterinary Journal of Republic of Srpska и Archives of Veterinary Medicine.
Д-р Лазо Пендовски активно е вклучен во работата на бројни комисии, и тоа како: член на Секторска комисија за земјоделство и рибарство при Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации при Министерството за образование и наука, член на работно тело за разгледување на проекти поднесени во Комисијата за култура и спорт на УКИМ, член на Одбор за избор на научници на УКИМ кои покажуваат врвни резултати во научноистражувачката дејност, член на Стручниот совет за докторски студии на УКИМ, член на Работната група за поглавјето 12 (Food safety, veterinary and phytosanitary policy), за преговори за влез на Р Македонија во ЕУ, претседател на Одбор за доверба и соработка со јавноста (2013 – 2017), член на Програмски комитет за Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ на ниво на Министерство за образование и наука (2021), одговорен за програмата Капацитети во истражувањето и др.
Во 2021 година, проф. д-р Лазо Пендовски е добитник на специјално признание како декан, „најдобар во aгробизнисот”, за развој на едукативно-истражувачките капацитети и лаборатории по стандардот ISO 17025 на традиционалниот 88. Меѓународен саем за земјоделство, одржан во Република Србија, а коорганизиран од партнерската земја Република Чешка, во присуство на голем број стопански субјекти, производители на храна, научноистражувачки центри, агенции и високообразовни институции од областа на земјоделството и ветеринарството.
Од 2023 година е избран за почесен член на Академијата за ветеринарна медицина (АВМ) при Српското ветеринарно друштво во Република Србија.
Подрачје на научноистражувачки и стручен интерес на проф. д-р Лазо Пендовски е функционалната морфологија на животните, со посебен осврт на генската експресија на фактори кои влијаат врз растот на мускулите кај животните.