Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го одбележа значајниот јубилеј – 105 години од своето постоење, со свечена академија одржана на 16 декември во Македонската филхармонија
Настанот ја истакна улогата на Филозофскиот факултет како столб на општествените науки и хуманистичката мисла, како и неговата долготрајна мисија во создавањето генерации кои ја носат светлината на знаењето, критичката мисла и визијата за иднината.
Во текот на повеќе од еден век, Филозофскиот факултет испишува историја исполнета со знаење, посветеност и академска зрелост. Тоа е пат кој го трасираа генерации професори и соработници, а го изодеа илјадници студенти, придонесувајќи кон развојот на научната извонредност, општествената одговорност и културната и духовната традиција на македонската држава. Факултетот се изгради како центар на духовна, научна и интелектуална сила, кој активно ја обликува иднината на општеството.
На свечената академија свои обраќања имаа деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, како и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска. Во нивните говори беше нагласено дека Филозофскиот факултет не е само образовна институција, туку и непресушен извор на мудрост, храм на знаењето и генератор на духовна енергија.
Како најстара високообразовна институција во државата, Филозофскиот факултет останува симбол на академска традиција, интелектуална сила и темел на општествените и хуманистичките науки.









Blvd. "Goce Delchev" no. 9, 1000 Skopje, Republic of North Macedonia
ukim@ukim.edu.mk
3293-293