Новости и настани

УКИМ – член на Универзитетската мрежа на Европскиот институт за културни рути (EICR) при Советот на Европа

 

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје стана член на Универзитетската мрежа за студии на културните рути (https://www.coe.int/en/web/cultural-routes/university-network), со потпишувањето на општ рамковен договор за соработка со Европскиот институт за културни рути (EICR) во јануари 2026 година. Универзитетската мрежа за студии на културните рути е мрежа на универзитети партнери со намера за проучување на културните рути, програма при Советот на Европа. 

Иницирана во 1987 година, програмата Културни рути на Советот на Европа (https://www.coe.int/en/web/cultural-routes/home) е клучна во промовирањето и зајакнувањето на главните вредности на Советот на Европа, кои ги опфаќаат човековите права, демократијата, културната разновидност и идентитетот. Целта на 48-те сертифицирани културни рути, во кои се вклучени 41 земја, меѓу кои и РС Македонија преку Министерството за култура и туризам, е да се продлабочи разбирањето на европската историја и идентитет и да се овозможи образовна и културна размена на студентите и на младите во Европа. Секоја културна рута на Советот на Европа го вклучува следново: тема која е репрезентативна за европските вредности и е заедничка за најмалку три земји во Европа; тема која е предмет на транснационални, мултидисциплинарни научни истражувања; која ја зајакнува европската меморија, историја и наследство и придонесува за толкување на различностите на Европа; промовира културна и образовна размена меѓу младите; спроведува примарни и иновативни проекти од областа на културното наследство, културниот туризам и одржливиот културен развој; развива туристички производи и услуги наменети за различни групи.

  Една од нив е и Културната рута на светите Кирил и Методиј (https://www.cyril-methodius.eu/), сертифицирана со лиценца од Советот на Европа во 2021 година. Во неа, од нашата земја, од 2023 година, членува Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје (https://iml.edu.mk/). Сесловенските просветители Кирил и Методиј, кои, како патрони на нашиот универзитет, истовремено се симболи на темелните вредности на македонската национална култура, во научните проследувања ги согледуваме и како дел од европските цивилизациски вредности, какви што се: човечкото достоинство, толеранцијата, демократијата, слободата на мислата, слободата на изразување и владеењето на правото. Оваа програма посветена на Културната рута на Кирил и Методиј нуди модел за научно истражување и развој, афирмација на македонското и на европското културно наследство, едукативна размена на младите во Европа, развој на менаџментот во културниот туризам и сл. 

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку Институтот за македонска литература, член на програмата за Културната рута на светите Кирил и Методиј, активно се вклучува во проучувањето на културните рути и други сродни области, како што се: византиско-културолошки студии, кирилометодиевистика, европски културен контекст, културен туризам, културно наследство, културна географија. УКИМ придонесува за развој и за промоција на Кирилометодиевската рута, преку организирање конференции и објавување истражувачки резултати во научни трудови, воспоставување договори за соработка со други универзитети, иницира студентите да се вклучуваат во академски истражувања за културните рути преку магистерски и докторски тези и да учествуваат во годишните активности на програмата. УКИМ, исто така, поттикнува иницијативи со цел академската заедница заеднички да аплицира за европски грантови со Европскиот институт за културни рути (EICR), и да се понуди научна експертиза онаму каде што е потребно.

 

 

УКИМ партнер во европски проект за отпорност и заштита на критичните субјекти

Ss. Cyril and Methodius University in Skopje учествува како партнер во европскиот проект „Отпорност и заштита на критичните субјекти во Европа“ (RECIPE2024), кој се реализира во рамките на програмата Interreg IPA ADRION – Јадранско-јонска програма за транснационална соработка и ќе трае до 2027 година.

Проектот се спроведува во партнерство со конзорциум составен од 10 институции од Хрватска, Словенија, Италија, Црна Гора, Република Северна Македонија и Србија.

Македонскиот истражувачки тим е предводен од проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет – Скопје, во соработка со професори од истиот факултет.

Проектот е насочен кон зајакнување на отпорноста и заштитата на националната критична инфраструктура, која претставува клучен столб на секоја држава и е тесно поврзана со националната безбедност, економијата, индустријата и здравјето на граѓаните. Посебен фокус е ставен на здравствениот систем како дел од критичната инфраструктура во Република Северна Македонија.

Покрај научно-истражувачките резултати, проектот ќе резултира и со развој на конкретни алатки и заедничка методолошка рамка за проценка на ризици поврзани со клучните капацитети, мрежи и системи на критичната инфраструктура во земјите партнери. Овие активности се во согласност со европските обврски за зајакнување на отпорноста на критичните субјекти, утврдени со Директивата (ЕУ) 2022/2557.

Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата Interreg IPA ADRION, насочена кон поддршка на иновативни решенија и зајакнување на отпорот кон климатски промени, природни и вештачки катастрофи во регионот.

 

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпиша согласност за учество во проект од програмата Еразмус+, како една од партнерските институции во конзорциум составен од 15 реномирани европски универзитети.

 

УКИМ учествува како партнерска институција во тригодишниот Еразмус+ проект AdvancEU – “Advancing beyond Contestation: Addressing the Challenges of Resilient Enlargement”, кој е координиран од Универзитетот „Парис Лодрон“ во Салцбург, Австрија. Проектот на УКИМ го реализира Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), преку интердисциплинарен академски тим.

Проектот AdvancEU е насочен кон анализа на современите предизвици на проширувањето на Европската Унија и кон идентификување институционални и политички реформи што би придонеле кон поотпорна, покохезивна и пофункционална Унија. Преку академско вмрежување, истражувачки активности и јавни дебати, проектот има за цел да обезбеди научно засновани анализи и конкретни препораки за креирање европски јавни политики.

Во рамки на проектот, УКИМ ќе има значајна и видлива улога, вклучително и раководење со еден од работните пакети, како и активен придонес во истражувањата поврзани со кохезивната политика, владеењето на правото и демократските процеси. Проектните активности ќе резултираат со конкретни продукти, како што се аналитички студии, работилници, платформа за соработка, нови образовни алатки и документи за јавни политики наменети за европските институции.

Преку AdvancEU, УКИМ има можност директно да се вклучи и влијание во најактуелната дебата за проширувањето и перспективната развојност на ЕУ. Проектот е значаен поради директната поврзаност со креирањето и преосмислувањето на европските политики за проширување, како и фактот дека проектот не е насочен исклучиво кон академска анализа, туку кон подготовка на применливи и аргументирани насоки за јавни политики на ниво на Европската Унија. Во таа смисла, учеството на УКИМ во ваков конзорциум од врвни европски универзитети овозможува суштинско и релевантно вклучување во стратешки дебати со јасни институционални и општествени импликации.