Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) одбележа 60 години од своето основање
На 27 мај 2025 година, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го одбележа својот 60-годишен јубилеј – значајна годишнина на институција која претставува симбол на инженерска и научна извонредност, не само во Република Македонија, туку и на меѓународно ниво.
Основан во 1965 година како одговор на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, ИЗИИС низ децении се развиваше во водечки регионален центар за истражување, развој и едукација во областа на сеизмологијата, земјотресното инженерство и управувањето со катастрофи. Денес, Институтот е респектиран партнер и координатор на бројни меѓународни проекти, препознатлив по својата научна експертиза и стратешка поддршка на национално и глобално ниво.
По тој повод, беше организирана свечена академија, промовирани беа јубилејната монографија „60 години ИЗИИС“ и „Синтезна публикација“ со преглед на магистерски и докторски трудови, како и документарен филм кој ја прикажува улогата и развојот на Институтот низ времето. Особено признание за јубилејното одбележување претставуваше и гостувањето на светски познатиот професор Киријазис Питилакис, актуелен потпретседател на Европската асоцијација за земјотресно инженерство, кој следниот ден во Свечената сала на Ректоратот одржа и стручно предавање на тема од областа на земјотресното инженерство.
Овој јубилеј претставува потсетник за историската мисија на ИЗИИС – да гради отпорно општество преку знаење, иновации и едукација на идните генерации на инженери и научници.