Почетна | Новости | 12.04.2024


Отворен ден на УКИМ и Ден за кариерен развој на УКИМ

Центарот за кариера при Ss. Cyril and Methodius University in Skopje, денес, на 12 април 2024 г., со почеток во 11:00 часот до 15:00 часот, на платото на УКИМ, одбележа два настана – „Отворен ден на УКИМ“ и „Ден за кариерен развој на УКИМ“.

Свои обраќања имаа ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, раководителката на Центарот за кариера на УКИМ, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски.
Секој од 23-те факултети и 5-те институти на УКИМ, како и вкупно 33 реномирани компании, се претставија на свој штанд пред заинтересираните средношколци – матуранти и пред студентите на УКИМ кои сакаат да се запознаат со можностите за вработување и практикантство.
На повеќе од 2000 присутни најпрвин, топло добре дојде им посака ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, која со голема гордост ја упати пораката на Отворениот ден:
„Добредојдовте на Отворениот ден на УКИМ, ден за ориентација, ориентација во избор на вашите идни професии за идните студенти на УКИМ и ден на кариера за нашите студенти кои ќе бидат идните менаџери, инженери, фармацевти, адвокати, доктори. Денес не е само уште еден ден; денес е ден кога идните студенти ќе гo видат изобилството на можностите што ги нуди УКИМ, а студентите можностите за нивното идно вработување. Тоа е момент од вашето долго патување кон успехот. И додека се движите низ овие штандови и ги разгледувате можностите поставени пред вас, запомнете дека изборот што го правите денес можеби ќе ја обликува траекторијата на вашето утре.
Светот е огромен, преполн со можности кои чекаат да бидат зграпчени. Но тоа бара храброст, одлучност и непоколеблива посветеност. Тоа бара еластичност пред предизвиците, приспособливост на промените и неуморна потрага по извонредност“.
Настанот беше интерактивен, со дискусии, насоки и советување и од претставниците на единиците и од компаниите, преку запознавање на студиските програми, можностите за стипендирање, вклученоста во научноистражувачки проекти, можностите за меѓународна размена и за студентскиот живот, со цел инспирација, насочување и помош во донесување одлука при изборот на конкретната академска средина или идниот кариерен развој во бизнис-средината. Исто така, во рамките на настанот имаше и зона за забава (со настап на студентите од Факултетот за драмски уметности и музичкиот бенд на УСС-УКИМ), како и освежување со пијалоци во зоната на Пивара-Скопје и одбрана музичка плеј-листа.
Во своето обраќање, раководителката на Центарот за кариера на УКИМ, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, го истакна следново: „Изминатиот период интензивно работевме на унапредување на Центарот, во соработка со нашиот партнер Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и нашите напори се насочени кон достигнување светски стандард во испорачување на кариерна поддршка како исклучително важен сервис за нашите студенти. За повеќе од 700 студенти од различни факултети, организиравме обуки, работилници и хакатони преку кои студентите ги унапредија вештините и знаењето за градење онлајн портфолио, комуникациски вештини, подготвеност за интервјуа, а стекнаа и практично искуство во дизајн и маркетинг, фриленсерство, социјално претприемништво и се впуштија во водите на стартап екосистемот. Следејќи го принципот „УКИМ за студентите, студентите за УКИМ“, задоволство ми е да го промовирам новото лого на Центарот за кариера креирано токму од нашите студенти – победници на хакатонот за брендинг и маркетинг-стратегија на Центарот за кариера на УКИМ“.
Овие два настана – „Отворен ден на УКИМ“ и „Ден за кариерен развој на УКИМ“, се одлична можност матурантите и студентите да се уверат во потврдата дека УКИМ, и за сегашните и за идните генерации, останува да биде најдобар универзитет, не само во државата туку и во регионот, бидејќи, како што напомена раководителката Тониќ Рибарска во своето обраќање, „… студентите биле, се и ќе бидат најголемиот капитал на еден универзитет, тие се идни креатори и двигатели на прогресот на општеството во целост, а УКИМ е најбитен генератор на интелигенција и квалитет во нашето општество“.
               
                                                                                                                                               Фотогалерија од настанот