Почетна | Новости | 16.08.2024


ОТВОРЕНА Е 57. ЛЕТНА ШКОЛА НА МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЛИТEРАТУРА И КУЛТУРА

Водејќи се од мислата на големиот македонски културен деец, идеолог, аналитичар и филолог Крсте Мисирков: „Науката и литературата се најважниот фактор во развивањето на еден народ, (…)“, истакнувајќи дека: „По степенот на развивањето на науката и литературата во еден народ се мери неговата култура (…)“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе седум и пол децении развива и гради академска извонредност, која е суштински поврзана со постулатите на Мисирков. Поставените идеали за врвна наука и за највисоки стандарди во високото образование, ориентиран кон севкупен општествен и културен просперитет, УКИМ го носат на патот на континуирана посветеност на поставените цели со јасна визија за отворен, современ, интегриран универзитет на новото време, кој се развива соочувајќи се со сите предизвици кои стојат на тој пат.

Акцентот на Мисирков е ставен на зборот „развивање“: развивање на науката и литературата, развивање на еден народ. Почитувани семинаристи-македонисти, нека тој збор ви биде водилка во учењето, нека секој работен ден на Семинарот биде подем кон развој на македонистиката како јазик со длабока традиција.

Крсте Мисирков истакнува: „Да го сочува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи, да остане верен тој на духот на своите прадедовци и да уважуваат сé што имаа тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик, значи, да се откаже тој и од народниот дух.

Дел од денешното обраќање на ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова

Охрид, 16 август 2024.