Home | News | 25.04.2026


Почеток на наставата по македонски јазик на Универзитетот во Неапол Л’Ориентале и возобнова на најстариот лекторат на МСМЈЛК при УКИМ во Неапол, Италија

✨На 14 април започна наставата по македонски јазик на возобоновениот, најстар Лекторат на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, која што се одржува при Катедрата за книжевни, лингвистички и компаративни студии на Универзитетот во Л’Ориентале во Неапол.

Со возобновувањето на Лекторатот, по шеснаесет години, повторно се отвора значајно поглавје во меѓународната македонистика и во македонско-италијанските високообразовни, научни и културни релации. Лекторатот активно функционираше од 1969 до 2010 година, кога се развиваше драгоцена академска, научна и културна соработка, што придонесе за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Италија.

Благодарение на заложбите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, македонистиката денес повторно се изучува во историската зграда „Санта Мариа Порта Чоели“ на Виа Дуомо.

Интересот за македонистиката е одличен, пријавени се дваесет студенти од Катедрата и студент од Универзитетот Ка’ Фоскари во Венеција.

Наставата започна да ја води лекторката на МСМЈЛК при УКИМ, м-р Викторија Еленова, македонист и италијанист со долгогодишно наставно искуство во повеќе образовни средини. Нејзината компетентност и посветеност на италијанскиот јазик, литература и култура, компететното познавање на македонскиот јазик и неговиот книжевен и културен контекст, ѝ овозможуваат наставата да ја гради како студиозен процес меѓу два јазични, книжевни и културни контексти.

Ова е нова страница во историјата на Меѓународниот семинар при УКИМ и трет отворен лекторат во во изминатите три години. Посакуваме успех, плодна работа и нови резултати.✨