Home | News | 05.06.2025


Промоција на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“

На 12 јуни 2025 година, со почеток во 12 часот, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи промоција на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е во издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац. Работата на изданието е производ на повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. Изданието е во редакција на Бранко Тошовиќ и Славчо Ковилоски.
Станува збор за прво издание од ваков вид во и за македонската литература. Mонографијата е објавена како трета книга од серијата „Словенска стилистика“. Првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји.