Home | News | 21.11.2026


Што сè можеш да научиш од ChatGPT?

Пишува: Вероника Гијовска, студентка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет

Одмор од факултет, но не и од љубопитноста

На факултет се запишав во 2022 година. Последната година, во која кога ќе заглавевме на задача, го баравме најпаметниот колега во групата. Денес? Тешко е да се најде студент кој барем еднаш не му поставил прашање на ChatGPT.
Ако ги прашате студентите што е ChatGPT, веројатно нема да добиете само еден одговор. За едни е приватен тутор, за други програмер, за трети „другар“ што секогаш е онлајн, а за некои и место каде прво бараат совет пред да го прашаат Google. 

 

И, иако голем дел од младите веќе секојдневно го користат за учење, разјаснување на поими или истражување, многумина сè уште не се свесни колку повеќе може да им помогне во развојот на нови вештини и личната надградба. Во прилог, издвојуваме креативни начини да ја искористите вештачката интелигенција ова лето, за да научите нешто ново.

Странски јазици

Иако сме генерација која со еден клик може да пристапи до бесплатен курс на англиски јазик, понекогаш е тешко да се одбере соодветна програма, да се искомбинираат ресурси, или да се вежба вистинска комуникација. Вештачката интелигенција може многу лесно да го процени вашето ниво на познавање на јазикот, да ви предложи бесплатни курсеви и апликации кои ви одговараат, и да Ви помогне синхронизирано да учите од повеќе ресурси, каде вежбате различни работи. Дополнително, со ВИ можете да водите разговор на јазикот кој го познавате, и тоа на нивото на кое го познавате. 

Програмирање

Интересно е да се разгледа како компјутерите можат да ја олеснат работата дури и на студентите од струките каде на прв поглед не изгледа неопходно. Студентите во STEM областите, со програмирање можат да прават различни предвидувања и споредби, економистите многу побрзо да ги обработат податоците, правниците да ги автоматизираат и организираат документите. Доколку не сте сигурни како програмирањето би можело да ви помогне токму во вашата професија, и тоа, прашајте го ChatGPT. Покрај практичната примена, учењето програмирање придонесува и за развивање на логичкото размислување, аналитичкиот пристап кон решавањето проблеми и способноста сложените задачи да се поделат на помали, полесно решливи чекори.

Лични финансии
Студентските години, за повеќето, се првата можност самостојно да управуваат со сопствените финансии. Разбирливо е што пресметките помеѓу навременото плаќање на студентскиот дом и излегувањето во петок понекогаш изгледаат како најтешката задача на светот, особено кога буџетот е ограничен.

ChatGPT може да помогне да се изработи едноставен месечен буџет, да се следат трошоците, да се постават финансиски цели или да се најдат начини за поефикасно управување со парите. Доволно е да му кажете колкав е вашиот месечен буџет и кои се вашите редовни трошоци, а тој може да предложи план според вашите приоритети.

Брзо учење
Додека немате што да учите, имате неверојатна шанса да научите како да учите.
На бруцошите, и студентите во првите години од студирањето, едно од најголемите студентски изненадувања, им е количината на материјал која треба да се спреми за испитите. И иако, текот на времето, полека ве учи на лекциите, ви објаснува зошто не е логично скриптата да се препишува во тетратка, или да се прават белешки за секоја од лекциите, многу подобро е да изберете начин на учење според тоа како работи вашиот мозок. За едни, е полесно подвлекување, за други, слушање на предавање, за трети, групни дискусии со колегите.
Наместо следниот семестар повторно да започнете со истиот пристап, искористете го летото за да откриете како вашиот мозок најлесно учи. Тоа можеби ќе биде најкорисната лекција што ќе ја понесете со себе во новата академска година.

Готвење и исхрана
Студентскиот живот често значи брзи оброци, истите рецепти одново и фрижидер во кој останале само неколку состојки. Наместо веднаш да нарачате храна, фотографирајте го фрижидерот и оставата и прашајте го ChatGPT што можете да подготвите од она што веќе го имате.

Но, тука можностите не завршуваат. Можете да побарате неделен план на исхрана при што ќе добиете предлог за оброци што содржат доволно протеини, јаглехидрати, масти, витамини и минерали. (Секако, осигурајте се дека добро сте го провериле од релевантни извори)

Летото е и одлична можност да излезете од комфор зоната. Побарајте да ви предложи рецепт од кујна што никогаш не сте ја пробале, да ве запознае со нови зачини или намирници. Можеби ќе откриете дека вашето следно омилено јадење доаѓа од кујна за која досега не сте ни слушнале.

Нешто сосема случајно
За крај, Ви давам предизвик да научите нешто што нема никаква врска со вашите студии и вашите досегашни интереси. Како функционираат авионите, шах, морзеова азбука, музичка теорија, историјата на римската имеперија… Нешто што ви личи комплетно неповрзано и некорисно. Ветувам дека ќе се изненадите.

 

Статијата ја објавува „Авангарда“, студентски гласник на Универзитетскиот комуникациски центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – виртуелен простор каде студентските идеи, предизвици и успеси добиваат глас, видливост и можност да поттикнат позитивни промени во академската заедница.