Универзитетски компјутерски центар

Како резултат на зголемените потреби за користење на придобивките од информациско – комуникациската технологија во наставниот, истражувачкиот и административно-управниот процес, на Универзитетот успешно функционира Универзитетска компјутерска мрежа (УКМ). Со следење и примена на современите трендови во информациските и комуникациски технологии, УКМ претставува адекватен одговор на постојаните потреби за модернизација на наставниот и истражувачкиот процес на Универзитетот преку создавање технички предуслови за непречена реализација на современ наставен процес во согласност со светските стандарди. Исто така, преку создавање на техничка база мрежата претставува претпоставка за имплементација на различни информативни услуги како и за Универзитетскиот информационен систем.

Во 1995 година во рамките на Универзитетот беше формирана Македонската академска истражувачка мрежа – МАРНет. Преку остварувањето на функциите на МАРНет беше овозможено вклучување на Универзитетот во семејството на сродни академски мрежи во Европа и во светот. Со реализацијата на една од основните функции на МАРНет – обезбедување на Интернет пристап за академските институции во Република Северна Македонија –  Универзитетската компјутерска мрежа ја остварува поврзаноста во Интернет. Поврзувањето во Интернет доведе до многукратно зголемување на интересот за ползување на мрежата, а следствено и на проширување на корисничката база.