На 26 јануари 2024 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставуван од ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, претставувано од министерката, Славјанка Петровска, потпишаа Меморандум за соработка во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Целта на оваа соработка e отворање нови можности за развој на високостручни кадри, како и искористување на научните, стручните, материјално-техничките и други ресурси од заеднички интерес на Министерството и на Универзитетот, во насока на:
- реализација на практична настава за студенти;
- развивање перспективи за вработување преку постојана соработка на Министерството и Универзитетот, со препораки на годишно ниво за вработување на 5 до 10 најдобро дипломирани студенти на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за безбедност, одбрана и мир, како и на најдобро дипломирани студенти од други единици во состав на Универзитетот, во зависност од кадровските потреби на Министерството;
- стипендирање студенти на прв циклус студии, за потребите на одбраната, од страна на Министерството и промоција на воената професија на студентите на Универзитетот од страна на Министерството;
- учество на универзитетски професори во меѓународни уредувачки одбори на списанија од значење за одбраната;
- реализација на активности за доедукација на вработените во Министерството;
- соработка при дефинирање на студиски програми, како и организирање на едукативни настани, семинари, конференции и работилници;
- размена на постојани и нови искуства значајни за области од нивната дејност и размена на релевантни информации од заеднички интерес, за научни цели.
Меѓу другото, со воспоставување на оваа соработка, страните потписнички ќе ги координираат своите идни активности и ќе ги усогласуваат своите ставови за заеднички настап во земјата и во странство, секаде каде што ќе имаат заеднички интерес. |