Home | News | 27.01.2025


Започнува петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Започнува петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Скопје, 27 јануари 2024 – Со учество на голем број македонисти, од 18 земји од светот: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, денеска започнува (онлајн) Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), што ќе трае до 1 февруари.
На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и великаните на македонската книжевност и култура – Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
На отворањето ќе се обратат претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.
Ректорката на УКИМ, по повод одржувањето на Школата, наведе дека е од исклучителна важност големиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, со што се негува неговото постоење и се афирмира во светски рамки.
Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои зеле учество над 4300 лица од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката.
Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите.