Успешно завршен проектот „Зелена хроматографија дел 2 – нови пристапи и решенија“
Со презентирање на заклучоците од спроведените анализи и активности, беше успешно реализиран завршниот настан за проектот „Зелена хроматографија дел 2 – нови пристапи и решенија“, кој е продолжение на минатогодишниот проект „Зелени хроматографски методи во контрола на квалитет на лекови“ и на успешната соработка меѓу „Алкалоид“ и Центарот за кариера при УКИМ. Овој проект овозможи континуитет во едукацијата на студентите за примената на зелената аналитичка хемија, со цел формирање млад кадар со поголеми компетенции, кој ќе ја води индустријата кон поодржлива иднина преку иновации во фармацевтскиот сектор.
Проектот се одвиваше во три фази и вклучуваше 11 студенти под менторство на четворица професори од Фармацевтскиот факултет и на тројца вработени од секторите Глобален развој и Производство – фармација.
Развивањето на методите се одвиваше во тренинг-лабораторијата на Центарот за едукација и обуки на „Алкалоид“.
Концептот на зелена аналитичка хемија подразбира дизајн на експерименти и на процеси за намалување или за елиминирање на штетните производи, реагенси, растворувачи и други супстанции, како и за намалување на потрошувачката на енергија, како резултат на примената на еколошки решенија и на нови аналитички пристапи.