Home | News | 07.04.2026


Потпишани договори за соработка со јавните универзитети и Агенцијата ИНОВА

На 3 април, во Владата на РМ се потпишаа договори за соработка со јавните универзитети и Агенцијата ИНОВА.

„Универзитетите се место каде се создава знаењето. ИНОВА, пак, е државната агенција која тоа знаење го претвора во иновации, конкурентност и економски раст. Таа обезбедува финансиска и нефинансиска поддршка за истражување, иновации, претприемништво и зелена трансформација, при што ја гради националната иновациска инфраструктура и стимулира трансфер на технологии меѓу академијата и индустријата.

Придобивките од овој троен хеликс се значајни за сите три страни – реалниот сектор, пред се малите и средни иновативно ориентирани претпријатија и start up компании, за универзитетите кои вршат трансфер на своите научни сознанија и резултати кон реалниот сектор и за државата, односно рефлексијата од оваа соработка на економскиот раст во земјава.

Она што би го издвоила како посебна придобивка од оваа соработка е трансферот на знаење. Научните резултати кои се создаваат во универзитетските лаборатории добиваат реална вредност кога стануваат производи, услуги или технолошки решенија што се прелеваат во компаниите и придонесуваат за развојот на економијата.

Преку грантовите и програмите за поддршка, ИНОВА овозможува академските идеи да станат одржливи проекти. Оваа шема вклучува финансиска поддршка насочена кон модернизација, зелена транзиција и раст на иновативните компании — што директно ги отвора вратите и за универзитетските тимови професори и студенти. И она што додава исклучителна вредност е вклученоста на студентите во овие иновативни потфати кои отвараат можности за стекнување на дополнителни вештини и знаења што ќе го олеснат нивниот премин од универзитетот кон пазарот на трудот.

И она што посебно сакам да го истакнам е тоа што оваа иницијатива го поттикнува академското претприемништво. Отвара можности за професорите и истражувачите чии истражувања генерираат иновации, да се охрабрат во процесот на нивна комерцијализација и да создадат универзитетски стартапи и spin-off компании. На тој начин универзитетите стануваат центри на иновации, а младите добиваат нова мотивација да ја реализираат својата кариера тука, дома.“ — истакна ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.