Home | News | 14.04.2025


Меморандум за соработка помеѓу Министерството за култура и туризам и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за култура и туризам и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Скопје, 14 април 2025 – Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска потпишаа Меморандум за соработка, со што се поставуваат темелите за продлабочена и долгорочна соработка помеѓу академската заедница и државните институции.
Меморандумот беше потпишан од министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, и ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.
Оваа соработка има за цел унапредување на културниот и општествениот развој преку заедничко користење на научни, стручни и технички ресурси, развој на високостручни кадри, поддршка на истражувачка и аналитичка работа, како и изработка на квалитетни законски решенија.
„Преку вакви партнерства отвораме нови можности за креирање современи политики и поттикнување на иновации во културата и туризмот,“ истакна министерот Љутков.
Ректорката Ангелова додаде дека „Универзитетот постојано настојува да биде активен чинител во општествените процеси, а оваа соработка е значаен чекор кон реализација на таа мисија.“
Потпишувањето на меморандумот претставува заедничка заложба за развој и зајакнување на креативните индустрии преку научна, образовна и културна соработка. Со ова партнерство се создаваат нови услови за иновации, напредок и инклузивен развој во секторите култура и туризам.