Home | News | 21.10.2025


Проф. д-р Патрис Павис промовиран во doctor honoris causa на УКИМ

✨На 21 октомври, во Ректоратот на Универзитетот, се одржа свеченото доделување на титулата почесен доктор на науки (doctor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на проф. д-р Патрис Павис, реномиран професор по театарски студии во пензија, Република Франција, во знак на признание за афирмацијата на Универзитетот во меѓународното опкружување, севкупните достигнувања во наставно-образовната и научноистражувачката дејност од областа на сценско-изведувачките уметности.

Признанието, од името на УКИМ, му го додели ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, за неговите извонредни педагошки и наставно-стручни достигнувања – театролог и професор по театарски студии во пензија од Универзитетот Париз 3 – Нова Сорбона, Универзитетот Париз 8 – Винсен Сен Дени од Република Франција и од Универзитетот во Кент, Англија.

Проф. д-р Патрис Павис е еден од највлијателните современи мислители од областа на театарските и изведбените студии, автор на познати трудови, академски публикации, книги, монографии и драмски пиеси од областа на современата театрологија, чиишто дела се преведени на повеќе јазици и претставуваат основна литература во наставата по театар.

Со ова одликување изразуваме благодарност и почит кон неговиот исклучителен придонес од областа на театрологијата, како и за неговата суштинска улога во унапредувањето на високото образование во театарските студии и сценската уметност.✨