УКИМ ги награди најзаслужните за развој на научната дејност
По повод Светскиот ден на науката за мир и развој УКИМ ги награди најзаслужните за развој на научната дејност
Скопје, ноември 2024 – Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, во знак на признание за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмацијата на Универзитетот, за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови афилирани на Универзитетот и индексирани во базата Web of Science, додели Плакета на Универзитетот на осуммина професори, како и Награда за најдобрите научници и уметник кои постигнале врвни резултати во текот на изминатата година, во одделни научноистражувачки подрачја.
Добитници на Плакета за посебен придонес се следните реномирани професори на УКИМ:
- академик проф. д-р Валентин Мирчески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет,
- академик проф. д-р Сашко Кедев, редовен професор на Медицинскиот факултет,
- проф. д-р Владимир Трајковиќ, редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство,
- проф. д-р Љупчо Пејов, редовен професор на Природно-математичкиот факултет,
- проф. д-р Ефтим Здравевски, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство,
- проф. д-р Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии,
- проф. д-р Петре Макрески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет,
- проф. д-р Златко Левков, редовен професор на Природно-математичкиот факултет.
Во посебен контекст, Плакетата на проф. д-р Валентин Мирчески, опфаќа и второ остварување, за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2 % Scientists за целокупната кариера.
Од воспоставените инструменти на Универзитетот за поддршка на науката, значајна и мотивирачка е годишната награда, која се доделува на најдобрите научници и уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои постигнале врвни резултати во научноистражувачката дејност во текот на изминатата календарска година. На свеченоста, Наградата за најдобри научници и уметник на УКИМ за 2023 година, им беше доделена на следните добитници:
- д-р Даниел Велинов, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИ НАУКИ,
- д-р Димитар Трајанов, редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ТЕХНИЧКО-ТЕХНОЛОШКИТЕ НАУКИ,
- д-р Андреј Николовски, доцент на Медицинскиот факултет во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА МЕДИЦИНСКИ НАУКИ,
- д-р Александар Узунов, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ветеринарни и земјоделски НАУКИ,
- д-р Александар Стојков, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје за најдобар научник во НАУЧНОТО ПОДРАЧЈЕ НА ОПШТЕСТВЕНИ НАУКИ, и
- м-р Зоја Бузалковска, редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје за НАЈДОБАР УМЕТНИК.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова упати честитки до сите наградени, истакнувајќи го значењето на научната дејност за нашето општество.
Говорејќи за овогодинешниот тематски фокус, по пповод Светскиот ден на науката за мир и развој – „Зошто науката е важна во контекст на ангажирање на умовите и зајакнување на иднината“, Ангелова нагласи дека науката, технологијата и иновацијата се од суштинско значење за поттикнување на економскиот, социјалниот и еколошкиот развој, трите столба на одржливиот развој.
„За поддршка на овие три столба, УНЕСКО им помага и ги мобилизира своите земји-членки и партнери за создавање на погодни средини кои ќе ги направат истражувањата и иновациите подостапни, транспарентни, инклузивни и поврзани со општествените потреби“, порача Ангелова.
Со одбележувањето на овој ден се истакнува значењето на зајакнувањето на јавната свест за улогата на науката за одржлив развој на општество, како и важноста да се насочи вниманието кон предизвиците со кои се соочува научноистражувачката работа и подигнувањето на поддршката на научните истражувања.
Поаѓајки од фактот дека група научници од академската заедница на УКИМ, се истакнува со најголем број референтни публикации индексирани во базата на Web of Science, со што особено придонесуваат за афирмација на Универзитетот, а со цел да им се изрази признание за нивните научни достигнувања во кариерата, со интенција ова признание да биде мотив за повеќе и подобро во науката за останатите, а особено за помладите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го доделува ова престижно признание, единствено во кариерата – Плакета за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмација на Универзитетот – истакна проректорката за наука на УКИМ, проф. д-р Валентина Гечевска.