УКИМ и Комисијата за хартии од вредност потпишаа Договор за унапредување на финансиската едукација
✨На 11.11.2025 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија врз основа на склучен Меморандум за соработка од октомври 2021 година, склучија Договор за унапредување на активностите и формирање на координативно тело.
Координативното тело ќе биде надлежно за следење на реализацијата на договорените активности во областа на стручна неформална едукација за студентите од прв и oд втор циклус на студии во економијата, финансиите, деловното и финансиското право, пазарите на капитал и финансиските инструменти согласно домашните и меѓународните регулативи.
Универзитетот и Комисијата за хартии од вредност ќе соработуваат во насока на иновирање на наставните програми на економските и правните факултети и институти на Универзитетот, во области поврзани со пазарот на капитал, финансиските инструменти, корпоративните финансии, корпоративното управување, хартиите од вредност и сродни теми.
Во рамки на оваа соработка ќе се реализираат и активности како ажурирање на наставна содржина со актуелни податоци и примери; вклучување на експерти од индустријата; организирање на студиски посети, симулации, обуки и истражувања; промоција на обуките во организација на Комисијата за хартии од вредност; заедничка подготовка на наставни материјали; како и интегрирање на пракса во наставниот процес.
Договорните страни ќе разгледуваат и можности за креирање на заедничка дигитална платформа за финансиска едукација, заеднички пракси, стипендии и вработување на студенти.✨





Blvd. "Goce Delchev" no. 9, 1000 Skopje, Republic of North Macedonia
ukim@ukim.edu.mk
3293-293