Меѓународна научна конференција по повод 80 години од одржувањето на првото заседание на АСНОМ
На Меѓународната научна конференција по повод 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, која се одржа на 13. 11. 2024 г. во организација на ЈНУ Институтот за национална историја – Скопје, Македонската академија на науките и уметностите и Државниот архив на Македонија, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова истакна:
„АСНОМ ги постави темелите за формирање на државните институции, трасирајќи го патот за развој на демократско општество што е основата на она што е денес Македонија, со сите свои достигнувања, но и на она што таа ќе биде во иднина. АСНОМ е државотворниот здив на современата македонска држава. Тој е историја која мора да се негува, да се почитува и да се штити. Придобивките од АСНОМ ги чувствуваме секојдневно, па така, кога се говори за АСНОМ, се мисли на сето она што е постигнато изминативе децении, но и на неговиот влог во денешницата, како и во иднината на нашата држава.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, годинава, исто така одбележа голем јубилеј под мотото 75 години академска извонредност. Следејќи ги чекорите на македонската државотворност, нашиот наjстар, најголем, државотворен универзитет отсекогаш функционираше во хармонија со македонската држава. Тој е втемелен во структурата на македонската држава. УКИМ потекнува и расте од длабоката и древна традиција, која извира од праизворите на нашата писменост, наука и култура. Универзитетот низ сите овие децении претставува авангарда и мисија на иднината и создаде генерации интелектуалци и научници кои со своето знаење оставија траги овде, а оставаат траги и насекаде по светот.
Наследството на АСНОМ е доказ за издржливоста и решителноста на македонската нација. Служи како потсетник, меморија, незаборав, за важноста на единството, демократските вредности и немилосрдното тежнеење за суверенитет. Додека земјава продолжува да се справува со предизвиците на нејзиниот пат кон ЕУ и со сите глобални предизвици, повеќе од било кога принципите и идеалите на АСНОМ мора да останат вградени во суштината на сите идни одлуки, бидејќи се основата на македонскиот национален идентитет и државност.